Skip to main content
Свет

Иранците не веруваат во примирје со Израел, подготвени се за различни воени сценарија

15/07/2025  16:43

Иранскиот министер за одбрана, Азиз Насирзаде, вчера изјави дека Исламската Република не верува во актуелниот прекин на огнот со Израел и веќе подготви неколку воени сценарија во случај на обновување на непријателствата, пишува Иран Интернешнл.

-Исламската Република не верува во прекин на огнот, рече Насирзаде во телефонски разговор со турскиот министер за одбрана Јасар Ѓулер, пренесува државната агенција ИРНА. „Затоа предвидовме различни сценарија за секоја нова авантура“.

„Не сакаме да шириме војна и несигурност во регионот, но сме подготвени да дадеме цврст и болен одговор на секој чин на агресија“, додаде тој.

Насирзаде, исто така, го критикуваше времето на нападот, велејќи: „Нападот врз Иран се случи за време на преговорите. Му докажавме на светот дека не сме против дијалог и преговори“.

Да потсетиме дека на 13 јуни, Израел започна голема изненадувачка воздушна кампања против Иран, напаѓајќи повеќе нуклеарни и воени локации како дел од почетната фаза од 12-дневната војна.

Стотици ирански цивили беа убиени во израелските воздушни напади. Во иранските ракетни напади, исто така, беа убија 27 израелски цивили. По израелските напади, нуклеарните разговори меѓу Иран и САД закажани за 15 јуни во Мускат беа откажани.

САД се приклучија на офанзивата на 22 јуни со свои напади – операција „Полноќен чекан“ – во која беа користени бомбардери Б-2 и крстосувачки ракети „Томахавк“ против цели во Натанц, Фордо и Исфахан.

Прекинот на огнот, посредуван од американскиот претседател Доналд Трамп, стапи на сила на 24 јуни, со што завршија борбите. Иако прекинот на огнот ја запре воздушната војна, неговата долгорочна одржливост останува под знак прашалник.

Минатиот месец, иранскиот реформистички весник „Шарг“ го опиша прекинот на огнот како правно кревок и непредвидлив. „Прекинот на огнот не се базира на меѓународни правни стандарди, прописи или правила на официјални глобални организации и институции“, напиша весникот.

„Всушност, тоа е привремено и двосмислено примирје и не може да има сериозна сигурност за неговата трајност.“

Минатата недела, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во едно интервју изјави дека Израел ја врати назад иранската нуклеарна програма, но наговести дека неговата земја не завршила со справувањето со Исламската Република.