
Низ Ормуската Теснина досега денеска поминаа десет бродови, од кои четири се ирански, покажуваат податоците на француската компанија за следење на поморскиот сообраќај „АКСС-Марин“ (AXSMarine).
Од компанијата наведуваат дека не се очекува сообраќајот денеска ниту приближно да се нормализира, бидејќи сите пловила мора да добијат одобрение од Иран, а бродската индустрија и понатаму е крајно претпазлива.
Во вообичаени услови, низ теснината дневно во двата правци минуваа меѓу 50 и 100 бродови. Поради конфликтот, во последните две недели таа бројка падна на само два до седум бродови дневно, и тоа откако Иран одобри премин за пловила под знамиња на одредени држави.
Од „АКСС-Марин“ ја појаснуваат хронологијата на давањето дозволи, наведувајќи дека Иран првично објави дека транзитот ќе биде дозволен само за бродови во сопственост на пет држави – Кина, Русија, Индија, Ирак и Пакистан.
По дипломатските разговори, преминот беше овозможен и за малезиски и тајландски пловила, додека на 2 април, по дополнителните преговори, Техеран соопшти дека ќе дозволи премин и за бродовите под филипинско знаме.

