Skip to main content
Свет

Иран одбива целосно запирање на збогатувањето ураниум

06/02/2026  21:35

Иран ги отфрли барањата на САД за целосно запирање на збогатувањето ураниум на своја територија за време на разговорите што денеска се одржаа во Оман, но изрази подготвеност да разговара за нивото и чистотата на збогатувањето, како и за можен регионален конзорциум, изјави за Ројтерс дипломат запознаен со позицијата на Техеран. Според истиот извор, американската страна покажала разбирање и одредена флексибилност кон иранските барања, додека прашањето за ракетните капацитети на Иран воопшто не било на дневен ред.

Иранскиот министер за надворешни работи, Сејед Абас Аракчи, разговорите во Мускат ги оцени како „добар почеток“, нагласувајќи дека продолжувањето ќе зависи од дополнителни консултации со лидерите на двете земји и од надминување на меѓусебната недоверба. Индиректните преговори меѓу Иран и САД се одржаа со посредство на Оман, во обид да се намалат тензиите меѓу двете земји по минатогодишната воена ескалација. Од оманското Министерство за надворешни работи соопштија дека биле одржани одделни средби со иранската и американската делегација, но без откривање детали за содржината на разговорите. Разговорите во Мускат се оценуваат како прв чекор кон можно продолжување на дипломатскиот дијалог, при што двете страни изразија претпазлив оптимизам.