Skip to main content
Свет

Иран нема да отстапи под притисок во нуклеарните преговори со САД

21/02/2026  22:20

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан изјави дека Техеран нема да се повлече пред притисоците на светските сили за време на разговорите со Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма, пренесе Ројтерс.

„Нè притискаат да попуштиме, но ние нема да го сториме тоа, без оглед на проблемите што ни ги создаваат“, рече Пезешкијан во обраќање емитувано на државната телевизија. Тој додаде дека иранското раководство има јасен став – дури и ако се соочи со противење од повеќе глобални сили, земјата нема да се предаде.

Во меѓувреме, шефот на дипломатијата Абас Аракчи, според извори запознаени со разговорите, одбил да ги разгледа американските предлози за ракетната програма, доставени преку посредници од Оман, и ги вратил назад.

Според израелски официјални претставници, пренесува Ројтерс, разликите меѓу Техеран и Вашингтон се сериозни, а не се исклучува ниту можноста за понатамошна ескалација. Израел, како што се наведува, разгледува и сценарија за потенцијална координација со САД, иако конечна одлука сè уште нема.