Skip to main content
Свет

Иран ја предупреди ЕУ: Одлуката за ИРГЦ како терористичка организација ќе има последици

29/01/2026  22:03

Генералштабот на иранските вооружени сили денеска предупреди дека одлуката на Европската Унија (ЕУ) да го прогласи Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ) за терористичка организација директно ќе влијае врз европските носители на одлуки.

Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена под притисок од САД и Израел.

„Ирационалната, неодговорна и злонамерна одлука на ЕУ несомнено е донесена во слепа послушност кон хегемонските и нехумани политики на Соединетите Американски Држави и ционистичкиот режим (Израел)“, се вели во соопштението, објавено од иранската телевизија Прес ТВ.

Иранскиот Генералштаб нагласи дека одлуката ја одразува длабочината на непријателството и огорченоста на лидерите на ЕУ кон иранскиот народ, вооружените сили и суверенитетот на Исламската Република Иран.

ЕУ ја означи ИРГК како терористичка организација како одговор на репресијата на Иран врз насилните демонстранти кои предизвикаа немири во земјата кон крајот на декември.

Генералштабот нагласи дека ИРГЦ отсекогаш била легитимна и моќна институција, која е на првите редови во борбата против државниот тероризам на САД и „опасниот“ израелски режим.

Генералштабот ја повтори својата решеност да се соочи со терористичките групи и предупреди дека одговорноста за „опасните последици“ од оваа провокативна одлука ќе падне директно врз европските креатори на политики.

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската унија се согласија дека блокот треба да го додаде Иранскиот корпус на револуционерна гарда (ИРГЦ) на својот список на терористички организации, изјави денеска шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас.

Претходно денеска, министрите за надворешни работи на Европската унија усвоија нови санкции кон Иран, насочени кон поединци и субјекти вклучени во насилното задушување на демонстрациите и поддршката за Русија. Со воведување санкции врз ИРГЦ, ЕУ ја стави Гардата на истата листа како и терористичката организација Ал Каеда.