Skip to main content
Свет

Иран и се закани на Европа: Секое вклучување ќе го сметаме за чин на војна

03/03/2026  16:05

Иран упати остра порака до европските држави да не се вклучуваат во актуелниот конфликт, предупредувајќи дека секој обид за воена или „одбранбена“ интервенција ќе биде третиран како директен чин на војна против Техеран.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, изјави дека евентуално приклучување на европските земји кон операциите против Иран ќе се смета за соучесништво со „агресорите“. Според него, терминот „одбранбени акции“ е само формулација зад која се крие напад врз Иран.

„Секој таков потег ќе го сметаме за чин на војна и ќе следува соодветен одговор“, порача Багаеи, алудирајќи на можни одмазднички удари врз европски цели.

Предупредувањето доаѓа по нападот со дронови врз британската воена база Акротири на Кипар, за кој западни извори тврдат дека бил изведен од проирански структури од Либан. Нападот предизвика засилени безбедносни мерки од страна на Обединетото Кралство, додека неколку европски држави, меѓу кои Грција, Франција и Германија, најавија поддршка за јакнење на одбраната на Кипар.

Во меѓувреме, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека Алијансата не е директно вклучена во конфликтот на Блискиот Исток, но нагласи дека ќе го брани „секој педа од територијата на НАТО“ доколку тоа биде потребно. Тој оцени дека Иран претставува сериозна закана за поширокиот регион и за европската безбедност.

Паралелно со растечките тензии, Франција најави зголемување на својот нуклеарен арсенал како дел од стратегијата за одвраќање во услови на повеќекратни безбедносни закани – од војната во Украина до кризата на Блискиот Исток.

Ескалацијата на реториката и воените активности ја зголемува загриженоста дека конфликтот би можел да се прошири и надвор од регионот, со директни последици врз европската безбедност.