
Иранските власти се согласија да дозволат технички тим од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да дојде во земјата во наредните денови за да разговара за обновување на видео надзорот на иранските нуклеарни постројки, изјави денеска директорот на МААЕ, Рафаел Гроси.
Гроси им рече на новинарите во Вашингтон дека иранските власти се согласиле да дозволат влез на технички тим на МААЕ за време на неговата посета на Техеран минатата недела, опишувајќи го тоа како охрабрувачки знак за подготвеноста на Иран да постигне нуклеарен договор со САД.
По втората рунда разговори во саботата меѓу Вашингтон и Техеран за иранската нуклеарна програма која брзо напредува, Гроси го повтори оптимистичкиот став на двете страни. Преговорите на техничко ниво треба да се одржат оваа недела.
-Иранските лидери се вклучија (во преговори) како да се обидуваат да постигнат договор. Тоа е мојот впечаток – рече Гроси.
САД се обидуваат да обезбедат Иран да не развие нуклеарно оружје, додека Техеран сака олеснување на санкциите што ја оштетија иранската економија.
Откако претседателот Доналд Трамп ги повлече САД од иранскиот нуклеарен договор со големите сили за време на неговиот прв мандат во Белата куќа (2017-2021 година), Техеран одговори со ограничување на пристапот и надзорот од МААЕ врз нуклеарните постројки.
Иран тогаш, според МААЕ, почнал да збогатува ураниум до нивоа на чистота кои се блиску до доволните за производство на нуклеарно оружје.