
Здружението Инжинери на Република Македонија (ИНРМ) денеска ќе одржи состанок со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски за да ги изнесат ставовите во врска со, како што посочуваат, штетните практики во фактурирањето на електричната енергија.
Нашата реакција е поттикната од бројните поплаки на граѓаните за нереално високи сметки за електрична енергија. Анализирајќи ги законските и подзаконските акти, утврдивме неправилности и поднесовме претставки за нивно надминување.
На 20 март 2025 година, РКЕ одржа подготвителна седница на која предложи измени на Правилата за снабдување со електрична енергија, со кои повторно се овозможува незаконско фактурирање врз основа на проценета потрошувачка. Веднаш поднесовме забелешки, поради што утре ќе имаме состанок со претседателот на РКЕ.
Основниот проблем е што РКЕ дозволува изготвување фактури со проценета потрошувачка, а корекцијата се врши во наредниот месец по реалното отчитување. Оваа практика не е предвидена со Законот за енергетика, им нанесува финансиска штета на потрошувачите а генерира и дополнителни приходи за операторот на дистрибутивниот систем.
Дополнително, ќе реагираме и на постапката за свикување на подготвителната седница од 20 март бидејќи беше спроведена спротивно на законските и деловничките рокови.
На средбата ќе изразиме загриженост за неисполнувањето на обврските за непристрасност и независност на членовите на РКЕ, особено имајќи предвид дека овие неправилности датираат од јули 2022 година, кога беа воведени блок-тарифи за пресметка на потрошувачката на електрична енергија.
На состанокот ќе побараме отстранување на одредбите за фактурирање врз основа на проценета потрошувачка, воспоставување фер и транспарентен систем на фактурирање и ќе дадеме предлог-решение за коректно фактурирање во случаи кога операторот не успева навремено да ги отчита мерните уреди.