Skip to main content
Македонија

Инженерите со претставка до РКЕ за паушалните сметки

30/05/2025  08:01

На 29 мај 2025 година стапи на сила новиот Закон за енергетика, кој јасно ја уредува обврската за мерење и фактурирање на електричната енергија според реална потрошувачка. Но со тоа повторно се отвори прашањето за законитоста на членот 31 од Правилата за снабдување (донесени во 2018), кој дозволува издавање сметки врз основа на проценета, наместо реална потрошувачка во случаи на неотчитување на мерните уреди.

Со новата претставка до Регулаторната комисија за енергетика укажавме дека оваа одредба повеќе нема правна основа, бидејќи уредува прашање што сега е јасно дефинирано во Законот и тоа на поинаков начин. Укажавме дека со тоа се крши хиерархијата на правни акти.

Иако поднесовме амандман и добивме уверување од Министерството за енергетика дека спорниот став 2 од членот 185 ќе биде отстранет, тој сепак остана во Законот, дозволувајќи проценка на потрошувачката „кога мерењето не е извршено”.

Но мерење постои бидејќи сите домаќинства имаат струјомери. Проблемот е административен а не технички. Затоа на последниот состанок со РКЕ нагласивме дека „мерење” и „отчитување” не се исто, па сметките мора да се издаваат само врз основа на реално измерени податоци.

Најавата од претседателот на РКЕ дека ова ќе се реши со нов подзаконски акт е повторно правно проблематична – подзаконски акт не смее да ја менува или надминува содржината на закон, особено кога штетата ја трпат граѓаните.

Затоа со упатената претставка до РКЕ  побаравме:

1.         Итно бришење на членот 31 од Правилата за снабдување, без чекање да е донесат новите Правила;

2.        Забрана за издавање на сметки врз основа на проценка, кога струјомерот е исправен;

3.        РКЕ да го обврзе ЕВН на целосно почитување на Законот за енергетика и другите закони;

4.        Во случај на продолжување на прекршувањата, да се иницира постапка за раскинување на договорот за приватизација на дистрибуцијата од 2006 година, во согласност со одредбите од Законот за облигациони односи.

Бараме граѓаните да имаат реални сметки базирани на реално мерење, стои во соопштението на ИНРМ (Инженери на Република Македонија).