Skip to main content
Македонија

Интервју со Колева од Форум на жени на СДСМ: Утре ќе маршираме за секоја една жена, ќе ги искористиме сите механизми за подобрување на животот на граѓаните

07/03/2025  10:04

Во најновото интервју за 24инфо.мк, претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Даниела Колева зборува за традционалниот осмомартовски марш на СДСМ, за акгтуелни економски теми, како и за понудата и очекувањата од претстојните локални избори.

Утре СДСМ го одржува традиционалниот марш на жените. Какви пораки ќе испратите?

Утре, на 8 март традиционално по десетти пат се одржува осмомартовскиот марш, организиран од Форумот на жени на СДСМ, овојпат во Струмица. Со нашиот марш, токму на овој ден, праќаме силна порака и поддршка до секоја една жена, дека не е сама во нејзините секојдневни предизвици. Ќе маршираме за унапредување на позицијата на жената во општеството. Ќе маршираме за поддршка и за продолжување на општествената, политичката и социјалната борба на жените. Ќе чекориме зајакнување на економската моќ на жената, за финансиска стабилност, за своја цврста позиција на местата каде што се донесуваат одлуките, а тоа се извршната, законодавната и локалната власт. На 8 март ние нема да славиме, ние ќе маршираме за секоја една жена, за жената жртва на семејно насилство, за самохраната мајка, за жената работничка, за жената земјоделка, за жената која се бори со ретка болест, за жената со попреченост. 10 години марширавме и ќе маршираме за прогрес и напредок, кој може да биде постигнат само доколку жената е застапена рамноправно со мажот на секое место во општеството.

Во јавноста имаше многу реакции со нападите од министерката Кочовска кон пратеничката од СДСМ, Петровска. Каков според вас денес е статусот на жената во македонската политика и македонското општество?

Нивото на однесување на една личност и нивото на политичката култура, е многу важно за целосната перцепција и слика за една политичка партија. Навиките, начинот на изразување, но и меѓусебното почитување, организациската култура, внатрепартиската професионалност или во случајот непрофесионалност, има директно влијание на јавноста, во однос на тоа што е прифатливо, а што неприфатливо однесување. Актуелен министер, во никој случај не може и не смее да си дозволи ваков начин на дискусија, на ниво кое не е достојно за ниедно место, особено не во Законодавниот дом. Критериумите кои ќе ги поставиме ние, се темелот врз кој ќе градиме. Категорично стоиме зад ставот дека навреди, омаловажувања, дискредитација на една жена, за нас како партија е НЕПРИФАТЛИВО однесување!
Во контекст на позицијата на жената во нашето општество, би кажала дека жената е во вечна борба за унапредување на својата позиција. И покрај сите предизвици со кои се соочува, секоја жена со својата индивидуалност, наоѓа сила, време и начин да направи одличен баланс во приватниот, професионалниот, па и во политичкиот живот.
Политиката е едно од најважните места, каде жените е потребно да имаат рамноправно застапување со мажите, за да се изгради систем кој е втемелен во секој сегмент во едно демократско општеството. Токму тоа е и нашата борба, појавата на стигматизирање на жената во секој можен контекст, да се трансформира во еднаква и рамноправна положба со мажот, што е наша стратешка определба во борбата за демократско и прогресивно општество, кое ќе знае и умее да ги препознае квалитетите и капацитетите на жените подеднакво како и на мажите и ќе им ја даде вистинската можност да ја добијат својата рамноправна позиција. Она што е потребно е жените да се охрабруваат, да се мотивираат, да истапат, да се кандидираат, да влегуваат во политика, за да имаме поголем број градоначалнички, министерки, пратенички, советнички и жени на раководни позиции.

До каде се внатрепартиските процеси? Се комплетираше ли Форумот на жени и што од ова партиско тело може да се очекува?

Форумот на жени е во последната фаза на комплетирање и започна со својата интензивна работа. Во следниот период не очекува уште една последна фаза за докомплетирање, а тоа е изборот на претседателки на Форумите на жените во општинските организации. Детектирањето на вредни, способни, амбициозни жени кои можат и сакаат да напредуваат, да водат и да дадат свој придонес, е вистински предизвик, со оглед на тоа што во СДСМ имаме огромен број жени кои го имат сиот овој потенцијал. Јас како претседателка сум многу задоволна, што во моето водство на Форумот на жени на СДСМ, имам поставено високи критериуми од страна на претходните претседателки и членки и начинот на нивната работа. Императив, освен поддршката која ние како жени си ја даваме една на друга, е фокусирањето на конкретни проекти, добра организација, поставување приоритети, поттикнување позитивни промени во опкружувањето, оставање свој печат и тоа, со надминување на сите бариери и предизвици. Од Форумот на жени на СДСМ, наредниот период, може да се очекуваат конкретни тематски активности со голема видливост, голема отвореност во работењето и давање шанса за вклученост на секоја жена, голема раздвиженост во секоја општина, креативност во работењето, менторирање на новите членки, јакнење на капацитетите на членките на Форумот на жени, јакнење на комуникациските и интерперсоналните вештини, предлагање на мерки и креирање политики од страна на членките на Форумот на жени, како и цврсто застанување на целиот Форум зад секоја жена, без разлика на која позиција е и со каков предизвик се соочува.

Наближуваат локалните избори и факт е дека градоначалничката функција е една од функциите каде има многу малку жени. Може ли да очекуваме повеќе жени кандидатки од редовите на СДСМ на претстојните локални избори?

Со статутарните измени кои ги имаме донесено во СДСМ, имаме 50% застапеност во сите партиски тела и на изборните листи на локални и парламентарни избори. Со тоа, покажавме и докажавме како партија дека жената е важна за СДСМ, а нејзината позиција е сигурна и почитувана, а нејзиниот глас вреден и важен. Токму ние како политичка партија направивме директен импакт во зголемување на бројот на советнички во општинските совети и бројот на пратенички во Собранието. И покрај тоа што, бројот на жени кандидатки за градоначалнички е се уште мал, ние ги поттикнуваме и ги мотивираме жените да се вклучат и да ги прифаќаат овие навистина важни, но за општеството, многу важни предизвици. Можам слободно да кажам дека Форумот на жени ќе се залага за поголем број жени кандидатки за градоначалнички и советнички и ќе застане со најголема поддршка за нив, во текот на кампањата за локалните избори кои не очекуваат, со цел жените кандидатки со сиот свој потенцијал и одлично конципирана програма, да придонесат за поголем успех на локалните избори.

На економски план, предложивте законски измени со кои ќе се зголемат платите на работниците. Во меѓувреме, се уште не се знае колку и дали воопшто ќе се зголеми минималната плата. Какви се вашите очекувања?

Она што со години наназад системски го градеше СДСМ додека беше на власт и тоа во време на неколку кризи, а тоа е континуираното покачување на плати, покачување на минимална плата во неколку наврати, воведување на системски закони за покачување на пензии, законот за стечајни работници, законот за социјална пензија и ред други закони во интерес на граѓаните, гледаме дека е во фаза на стагнација и нема никакво поместување. Очекувањата и тенденцијата, со оглед на однесувањето и поставеноста на владеачкото мнозинство последните девет месеци во однос на економските мерки, се дека нема да има никакво зголемување на минималната плата, освен законското порамнување, кое оди пропорционално со инфлацијата и не е никакво покачување туку само порамнување. Тоа е навистина поразително, имајќи ја предвид високата инфлација и огромниот раст на цените. За една месечна синдикална кошничка потребни се две просечни плати, а ако погледнеме наназад само пред пет години била потребна само една просечна плата. Животниот стандард е сериозно загрозен, луѓето едвај го поминуваат месецот со сите свои трошоци и покачени сметки за струја, вода, превоз, данок, придонеси, услуги. Власта покажува дека не се снаоѓа добро во економијата, а граѓаните се оставени сами без никаква поддршка од државата.

Што доколку власта го игнорира законот за минимална плата и таа не порасне следниот месец? Какви чекори вие како најголема опозициска партија ќе превземите?

Како најголема опозициона партија и како претставници на народот, ние ќе бидеме гласни во борбата за достоинствен живот за секој наш сограѓанин. Предложивме закон за покачување на минималната плата, а од она што го увиде цела македонска јавност, власта изнаоѓа целосно нерелевантни оправдувања, тој закон да не биде донесен, иако е поддржан и е едно од клучните барања и на синдикатите. Нема да застанеме тука, затоа што за нас секој е човек е важен, така ќе остане и во иднина. Ќе предложиме цела низа закони кои ќе го заштитат животниот стандард на граѓаните и ќе обезбедат сигурен и безбеден живот за нив. Не многу одамна, темата “иселување “ беше една од клучните теми за критика на сегашната власт, а сега гледаме дека не ја ни спомнуваат. Истовремено не прифаќаат закон кој е една од основните причини за иселувањето, а тоа се ниските плати, високите трошоци, подобри услови за живот, а иселувањето продолжува и добива уште поголем обем. Ќе ги искористиме сите наши механизми, да го подобриме животниот стандард на граѓаните и да ги подобриме условите за живеење во државата затоа што тоа е наша обврска. Моменталната власт е целосно глува за барањата на народот и освен што манипулативно отвара проекти на претходната власт, прикажувајќи ги како свои и секојдневните скандали, ништо друго нема направено во интерес на граѓаните.