
Во пресрет на првиот круг на локалните избори, 24инфо.мк направи интервју со Љупчо Јаневски – Састав, независен кандидат поддржан од коалицијата „Искуство за успех“.
Во интервјуто Јаневски објаснува кој е неговиот мотив да се кандидира за градоначалник, како и за тоа каква е неговата визија за идниот развој на Ѓорче Петров
Кој е Љупчо Јаневски Састав и кои беа вашите мотиви за кандидирање?
Јас сум обичен човек кој води мали бизниси во општината, а паралелно се занимавам со менамџмент на винарија, роден сум, израснат и созреан во Ѓорче Петров, прво на Социјалистичка зора, а веќе десетици години живеам во руралниот дел на општината.
Како ѓорчевско дете, дури и мојот надимак доаѓа од едно култно место за населбата, од Састав, местото каде Треска се влива во Вардар, каде за мене и за многу генерации мои сограѓани, се изродија најубавите спомени.
Во оваа битка влегов затоа што како човек кој секојдневно е низ Ѓорче, на пазарот, во паркот, на кејот одлично сум запознаен со проблемите и потребите на моите сограѓани.
Она што е заедничко за ѓорчепетровци е што сите се загрижени за тоа што Ѓорче го губи својот дух, ја губи својата традиција, од мирна општина со маалски живот, со другарство и со соживот, сега полека но сигурно се претвора во некоја од скопските населби кои се натрупани, каде има се повеќе згради а се помалку зеленило и маалски дух. Затоа решив овој пат да не стојам на страна туку да се обидам да променам нешто.
Мене, а верувам и на мнозинството мои сожители преку глава им 30 години пред секои избори е да ги слушаат истите ветувања, да ги гледаат истите обемни програми, а на крајот политичарите да прават се спротивно од она што го ветиле.
Верувам дека заедно со мојот тим можам да ја донесам промената во Ѓорче.
Што според вас денес е најголемиот проблем во Ѓорче Петров?
Прво мора да се застане на неконтролираното ширење на општината. Во делот на урбанизмот во мојата програма предвидувам сериозни промени од она статус кво што со години ни се случува. Тоа во пракса ќе значи дека во Ѓорче Петров нема да се градат згради повисоки од шест ката, дека фасадите, ниввниот материјал и нивната моја ќе треба да бидат унифицирани, дека помеѓу секоја новоиградена зграда ќе мора да има зелен појас и дека за секој новоизграден стан ќе мора да се обезбедат две паркинг места. Без исполнување на овие услови, општината нема да издава одобренија за градби.
Дополнително, ќе работиме на ревитализација и поставување на нови „зелени џебови“ и „зелени блокови“ партнерно уредени зелени површини, со фонтани, клупи и детски реквизите.
Не смееме Ѓорче Петров и околните населби да ги претвориме во еден вид на фавела како што тоа за жал во последните години ѝ се случува на населба Хром, која една од најмирните, најпланските населби се претвори во некакво ѓорчевско Дебар Маало каде нема ни тротоари, ни паркинг, ниту пак зеленило.
Што е она што вие го нудите, а не го нудат вашите противкандидати?
Мојата платформа е граѓанска, ѓорчевска и натпартиска и истовремено е повик за обединување околу неколку клучни точки.
Една од нив е изградба на нов современ училишен центар на местото на сега руинирана и дотраена, но култна спортска сала „Партизан“.
Таа се наоѓа во централниот дел од населбата Ѓорче Петров и ако некој друг на нејзино место гледа маркички и згради, јас гледам научно-спортски комплекс со основно училиште, градинка, спортска сала, кој природно ќе се слее со средното училиште „Кочо Рацин“ и спортските терени на кејот на Вардар.
Понатаму, мора еднаш за секогаш да се стави крај на километарските колони на „Лука Геров“ од Воениот отпад па се до црквата „Свети Петар и Павле“. Мора да изведеме алтернативна рута и Даме Груев а со тоа и Ново Село, Стопански двор, Кисела Јабука, Волково, па и Кучково, Орман и Никиштане, да добијат нова сообраќајница преку која побрзо ќе стигаат до останатиот дел од градот
За овие точки ќе барам од сите кандидати за градоначалници дека ќе се обврзат да ги прифатат и без разлика кој ќе победи, овие проекти да се реализираат затоа што се во интерес на сите граѓани на Ѓорче без разлика од која вера, нација или политичка опција се.
Мора да се обединиме околу клучните работи, затоа што само така ќе донесеме промена во местата каде живееме и работиме.
Што ќе биде првата работа што како градоначланик би ја направиле?
Тоа дефинитивно ќе биде воведување ефикасна, бројна и опремена служба за комунален ред, со најмалку 16 лица кои ќе имаат опрема, возила и надлежности да интервенираат секогаш и секаде каде што непрописно се фрла отпад и се загадува.
Како дел од оваа мерка, ќе се направи и мапирање на загадувачите со што јавно ќе бидат објавени сите приватни и правни субјекти кои го загадуваат воздухот во нашата општина и против нив ќе се дејствува согласно надлежностите на општината.
За да им се олесни на граѓаните ќе се постават пунктови за собирање кабаст отпад во секоја месна заедница, граѓаните нема повеќе да чекаат и да плаќаат некој да дојде да им го собере кабастиот отпад, тоа ќе биде обврска на општината.
Каква е вашата визија за Ѓорче Петров за следните четири години?
За четири години од денес, Ѓорче Петров го гледам како модерна, урбана општина која под налетот на модерното, успеала да го задржи и традиционалното.
Општина во која повеќе нема да се чека за упис во градинка, нема да се бара паркинг по половина час, општина во која граѓаните ќе сакаат да останат и да ја планираат својата иднина.
Ѓорче да биде развиено со мали бизниси, а руралниот дел како Стопански двор, Кучково, Грачани, Орман да биде полн со еко туристички капацитети, мали винарии и селски
Тоа според мене е рецептот по кој Ѓорче може и треба да се развива, рецептот што ќе ги задржи младите тука, но истовремено ќе привлече и млади претприемачи од други општини, градови, па зошто да не и други држави.
Како општина имаме голема територија, имаме одлично поднебје што ни овозможува да растеме и да се развиваме на современ, еколошки начин, ние само треба да ја искористиме таа можност и привилегија.