Skip to main content
Македонија

Интервју со Илиевски од СДСМ: Владата го уништи социјалниот дијалог и не мисли да ја зголеми минималната плата

02/03/2025  10:44

Во интервју за 24инфо.мк потпретседателот на СДСМ, Методија Илиевски зборува за повеќе актуелни прашања од областа на економијата, за најавите за промена на државните обележја, но и за внатрепартиските процеси и очекувањата на СДСМ од претстојните локални избори.

Инфлацијата повторно зема голем замав, во меѓувреме владата презеде одредени мерки а СДСМ излезе со свој сет на мерки.  Дали очекувате владејачкото мнозинство да прифати дел од законските измени што вие ги поднесовте?

Искрено ништо веќе не очекувам од оваа неспособна власта. Македонските граѓани се потешко живеат, имаат се помалку пари во џебовите, а животниот стандард е во слободен пад. Трошоците на живот само во јануари пораснаа за 4,9%, а цените на мало за 5,2%, инфлацијата расте.  

Маркетите се здружуваат во картел, цените растат, платите стагнираат, граѓаните се очајни. Сите економски параметри покажуваат дека македонската економијата оди надолу.

Вината е кај оваа неспособна власт на Мицкоски и ДПМНЕ.  А решенија постојат, СДСМ им ги понуди, но тие упорно одбиваат ги одбиваат? Со ароганција, надменост и одбивање на добри предлози не се води политика. Со мерките предложени од СДСМ за намалување на ДДВ за струјата од 18 на 5% и за укинување на ДДВ за основни прехранбени производи, значително би се намалиле цените и сметките. Околу 2.400 денари месечно олеснување би донеле само овие две мерки. Исто така е потребна доследна примена на законот за нефер трговски практики.

Според нашите проекции, доследната примена на законот,  заедно со мерките што ги донесе владата во однос на цените, и заедно со мерките што ги предложи СДСМ цените севкупно ќе се намалат за 30%, за речиси една третина.
Меѓутоа, владата, за жал, повеќе се однесува заштитник на големите трговци и на трговските ланци, а речиси воопшто не се грижи за граѓаните.

Мерките што ги носат се задоцнети и недоволни. Зарем некој може да поверува дека со објавување на листи на цени, кои маркетите треба да почнат да ги објавуваат, и тоа не веднаш, туку по 30 или 45 дена, ќе се влијае врз цените.
Сакаат да прикажат дека прават нешто, а не прават ништо. Тотална неспособност.
СДСМ ќе продолжи да се бори за економски мерки што ќе ги заштитат граѓаните и ќе обезбедат подобар животен стандард.

За помалку од месец од денес треба да се знае колку ќе изнесува минималната плата исплатена за месец март, но Владата прво доведувајќи ја во прашање потрошувачката кошница, а потоа и со дијалогот со синдикатите, како да се ,,амнестира” од целиот процес. Што вие како најголема опозициска партија ќе преземете во однос на ова прашање?

Потрошувачката кошница достигна 63.773 денари. Сега за едно семејство да преживее, му требаат три минимални плати. Владата не само што не помага, туку ја игнорира реалноста а граѓаните ги остава сами. Работниците се мачат со големата скапотија, со огромните сметки за струја, не можат да си дозволите основни намирници. Наместо да помага владата се занимава со составот на потрошувачката кошничка.

Социјалниот дијалог гледаме дека е уништен. Владата го блокираше функционирањето на Економско-социјалниот совет и одбива да ги слушне барањата на работниците за поголеми плати.

Синдикатите бараат минимална плата од 500 евра, но Владата ги игнорира. Се иззема од одговорност, велат ќе прифатиме решение кое ќе го договорат синдикатите и работодавачите.

Дали е тоа воопшто социјален дијалог? Тоа се преговори меѓу работниците и газдите, со неизвесен исход. ДПМНЕ веќе нема ни разговор со работниците, немаат ниту еден социјален дијалог, со граѓаните изгубија секаква комуникација, со претставниците на целните групи кои бараат да имаат поголеми плати. Како што изгледа, Власта не ни мисли да ја покачи минималната плата.

СДСМ силно поддржува покачување на минималната плата и сметаме дека треба да биде 500 евра, за да може со две минимални плати да се покрие синдикалната кошничка месечно. Тоа достоинствено. Веќе во оваа држава треба да се зборува за достоинствена а не за минимална плата.

Во времето кога СДСМ беше на власт, направивме чекори кои се покажаа како поддршка за граѓаните. За 7 години платите беа покачени 4 пати. Воспоставивме методологија на усогласување на минималната плата, со која најниската гарантирана плата во државата од срмано ниските 8.000 денари се искачи на над 22.000 денари. Сега кога се е поскапено не треба да се прекине растот на платите, тоа работниците не го  заслужуваат.

СДСМ даде повеќе економски предлози, поднесовме и закон за минималната плата, но власта не ги прифати. Нека каже власта што мисли да прави со животниот стандард на граѓаните кои едвај врзуваат крај со крај.

Уште едно прашање во делот на економијата. Одредени странски инвеститори ги затворија погоните, други се подготвуваат за намалување на вработените. Што според вас државата треба да направи за да ги задржи постојните и да привлече нови странски инвестиции?

Очигледно власта не знае и нема механизам како да одговори на овој предизвик, кога некои странски компании ги напуштаат зоните, а други најавија намалување на бројот на вработени.

Индустриското производство паѓа четири месеци по ред. Во декември -1,4%, а во септември минатата година падот беше цели -7,9%. Ова не се само статистики – ова значи затворени фабрики, изгубени работни места, семејства оставени без приходи.

Буџетскиот дефицит за два месеци достигна рекордни 7,8 милијарди денари. Владата троши многу повеќе отколку што прибира, а за оваа дупка во буџетот, повторно ќе плаќаат граѓаните.

Излегува премиерот и вели дека сме одлични во економијата, први сме. Не, први сме во поскапување на струјата, на цените и во падот на економијата, во тоа сме први. А власта нема план како да им помогне на луѓето.

Сметам дека Владата треба да биде проактивна и да бара решенија, но не како унгарскиот кредит, кој не е решение туку проблем на грбот на народот, а цената ќе ја платат и државата и граѓаните.

Особено што гледаме дека извозот паѓа, на економијата не и оди добро. Глобалните текови исто така може да создадат нови предизвици. Ние сме длабоко извозно ориентирани и поврзани со економијата на ЕУ. Скоро 47% од нашиот извоз е поврзан со германската економија и од тоа скоро 80% од целиот тој извоз во Германија е поврзан со еден сектор, а тоа е автомобилскиот сектор и, најверојатно, тоа ќе биде еден од секторите коишто најмногу ќе биде погоден доколку се случи воведување на царини и слични предизвици.

На домашен план, на голема врата се постави прашањето за промена на државниот грб. СДСМ на таквите обиди рече дека жестоко ќе се спротивстави. Што СДСМ како механизам ќе искористи за да не дојде до промена на грбот и можеби и другите државни обележја?

Во моменти кога власта нема план за ништо, се отвора темата за државниот грб која ги допира чувствата на граѓаните. Класичен дефокус од дебаклот и неуспесите на власта на било кое поле
СДСМ има јасен став, ние сме против, не треба да има промена на симболите, ниту на грбот ниту на химната.
Има многу важни прашања кои што се однесуваат на стандардот на граѓаните и економијата кои што треба да ги решаваме, а не да отвораме вакви прашања. Оваа држава е создадена на темелот на НОБ и антифашизмот и овој грб што го имаме сега, ги отсликува сите атрибути и на државата и на сите граѓани. Сметаме дека не треба да се откажуваме од нешто што треба сите ние да го штитиме заеднички. Нашиот став е многу јасен. Вакви теми нема ништо добро да донесат.

По неколку месеци членовите на СДСМ повторно бираат претседател. Како оди целиот процес и што очекувате?

СДСМ е на добар пат, се враќа енергијата, се крева партијата, се слуша гласот на членовите. Очекувам првиот видлив сигнал да бидат овие внатрепартиските избори. Знаете дека СДСМ е единствената партија која во духот на социјалдемократските вредности својот лидер го бира на слободни, внатрепартиски избори со гласање на членството и ние сме горди на тоа.

Процесот тече добро, се уште тече пријавувањето на членството за гласање кое ќе трае до 8 март а изборите ќе се одржат на 16 март. Ја користам приликата уште еднаш да повикам што повеќе членови да се вклучат. Тоа е добро за партијата и за внатрешната демократија.

Се наближуваат локалните избори. Со каква понуда ќе излезе СДСМ за кандидати за градоначалници и советници?

Градоначалниците на ДПМНЕ се најголемо разочарување и за 4 години не направија ништо.

Еве во Битола на пример градоначалникот кој доаѓа од редовите на ВМРО ДПМНЕ, во период од четири години не започна ниту еден капитален објект, а општината е финансиски стабилна. А на почетокот на неговиот мандат наследи полна каса. Јавните претпријатија полека но сигурно влегуваат во долгови. Истите беа финансиски стабилни и независни до пред некоја година, а денес не можат плата да поделат на вработените доколу не добијат субвенции од Општината. Развојна компонента во истите веќе не постои. Услужните дејности кои ги нудат не се на посакуваното ниво. Битола не се развива.

СДСМ на следните локални избори ќе излезе со понуда која ќе ја одразува потребата на граѓаните.
Правиме анкети, нашата намера е да кандидираме кредибилни и почитувани лица, со силен професионален и личен интегритет, луѓе кои имаат искуство во управување и се препознатливи во своите локални заедници.
Фокусот на нашите програми е да го поправиме, она што локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ го  уништи изминатите 4 години, секако со конкретни решенија за локалните проблеми, како инфраструктура, екологија, урбанистички развој и квалитетни јавни услуги.

СДСМ ќе понуди кандидати кои ќе ги убедат граѓаните дека се вистински избор за подобро локално владеење, со јасни визии и конкретни проекти за секоја општина.

Лидерот на партијата Филипче најави дека за локалните избори ќе се коалицира за секоја општина посебно. Дали има нови детали околу коалицирањето на локалните избори?

Се уште е рано, овие одлуки за локалните избори ќе бидат донесени наскоро. Пред некој ден имавме средба со партнерите кои се дел од нашата традиционална коалиција, работиме заедно да ја поставиме соработката на повисоко ниво, да покажеме подготвеност за сите идни политички предизвици.  СДСМ е отворена за соработка, за сите идеи и предлози за подобрување на животот на граѓаните.

На крајот, што за СДСМ ќе се смета како успех на следните локални избори?

Подобар резултат од претходните избори секако дека може да се смета за успех.  Тоа е сосема очекувано, со оглед на катастрофалните резултати на градоначалниците и советите во општините предводени од  ВМРО-ДПМНЕ, како и од погазените ветувања на владеачката партија дадени на парламентарните избори, кои предизвикаа големо разочарување на граѓаните.