Skip to main content
Македонија

Инспекциски надзор во државната кардиохирургија откако почина пациент со пукната аорта кој чекаше операција

12/04/2025  16:18

Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе проверува како настанала смртта кај 59-годишниот Тони Ангелковски, кој со тешко срцево нарушување, не ја дочека операцијата на државната кардиохирургија.

Наредбата е веќе издадена, а од министерството за здравство велат дека во следните денови, ДСЗИ, ќе направи увид.

„По налог на министерот за здравство, д-р Арбен Таравари, ДСЗИ ќе изврши увид во медицинската документација во врска со овој случај по што јавноста ќе биде информирана.“ – Министерство за здравство.

Од СДСМ прашуваат кој ќе одговара за последниот смртен случај на Кардиохирургија? Партијата бара темелна истрага и утврдување на одговорност за последниот смртен случај во клиничкиот центар.

– Дали навистина, како што се тврди на Клиниката за кардиохирургија, операционите сали не функционирале кога пациентот во критична состојба бил донесен на клиниката? Зошто пациент со пукната аорта, состојба што бара итна интервенција не бил опериран? Зошто бил вратен, и покрај тоа што неговиот живот висел на конец? – СДСМ.

Семејството она починатиот пак обвинува дека 59-годишниот Тони Ангелковски не бил опериран бидејќи од клиниката им кажале дека нема слободни сали. Ги препратиле до приватни болници каде им било кажано дека квотата била исполнета до јуни. И покрај тоа ги повикале да го донесат пациентот, да го стабилизираат но бидејќи немале дел кој им е потребен, не можело веднаш да се изврши процедурата.

Од клиниката за кардиохирургија велат дека пациентот веднаш бил згрижен, ја примил потребната терапија, по што состојбата му се стабилизирала. Откако биле разгледани сите наоди, лекарскиот конзилиум утврдил дека ако се изврши отворен хируршки третман, шансите за преживување на пациентот би биле екстремно мали, што му било и објаснето на семејството.

Препорачани биле две приватни болници како и лекување во странство. Од 3 сали за операција на срце на Универзитетската клиника, во моментов две се надвор од функција – една поради поставување на нов апарат, а другата поради поправка на апарат но и недостаток на стент графови.

„На нашата клиника има две операциони сали. Едната служи само за отворено хируршко лекување на пациентите, а другата е хибридна сала со ангиограф во која можат да се извршуваат отворени хируршки интервенции, стентирање и комбинација од двете или т.н. хибридни процедури. Оваа втората сала е надвор од функција повеќе од еден месец заради поставување на нов апарат кој бара и реадаптација на просторот за што уредно писмено се известени МЗ и ДСЗИ пред почетокот на реконструкцијата. Другата операциона сала е активна и е комплетно во функција. Имајќи ги предвид сите овие факти беше испратено барање за конзилијарно мислење до Клиниката за Торакална и Васкуларна Хирургија затоа што се тие единствени кои имаат инфраструктура и матерјали за ендоваскуларен третман покрај нашата клиника во склоп на јавното здравство на што добивме одговор дека не се во можност да ја направат интервенцијата заради поправка на ангиографот и недостаток на стент графтови.“ – Клиника за кардиохирургија.

Од кардиохирургија велат и дека кај пациентот, откако бил хоспитализиран па се до моментот кога му се влошила состојбата, немало потреба од итна интервенција бидејќи сите параметри му биле стабилни..Сепак, околу 5 часот наутро следниот ден, состојбата нагло му се влошила, а и покрај преземените мерки, лицето починало.