Skip to main content
Македонија

ИНРМ: Трасата на брзата пруга да не поминува низ просторот резервиран за реализација на проектот „Вардарска долина“

09/06/2025  08:43

Здружението „Инженери на Република Македонија“ соопшти дека упатило претставка до Владата и до Министерството за транспорт со барање за исклучување на можноста трасата на идната брза железничка пруга да поминува низ просторот резервиран за реализација на проектот „Вардарска долина“.

-Во време кога светот се стреми кон обновливи извори на енергија и одржлив развој, „Вардарската долина“ се наоѓа на крстопатот на историската одлука на оваа Влада која ќе го одреди правецот на нашата енергетска иднина. Дванаесетте хидроелектрани планирани во оваа регија не се само инфраструктурни проекти – тие се стратешки столб на домашната економија, извор на чиста, зелена енергија и значителен потенцијал за раст и просперитет на Македонија, наведуваат од Здружението.

Изградбата на хидроцентралите во „Вардарската долина“, според нив, ќе донесат многу економски придобивки.

-Тие ќе овозможат значително намалување на зависноста од фосилните горива, ќе ја зајакнат енергетската безбедност на земјата, акумулациите и системите за наводнување ќе го зголемат приносот во земјоделството, ќе се обезбеди стабилно управување со водните ресурси и заштита од поплави, а ќе се обезбеди и заштита на плодното земјиште преку намалување на ерозијата. Придобивките од обновливата енергија се инвестиција не само во денешницата, туку и во иднината на нашите деца и внуци. Меѓутоа, потенцијалот на овој проект е загрозен од тековните планови за трасата на брзата пруга, која, ако се реализира по постоечкиот колосек, ќе ја исклучи можноста за развој на хидроенергетските капацитети во Вардарската долина. Ова не е само техничко прашање, туку морална и еколошка одговорност да не им го одземеме правото на идните генерации да ја користат енергијата и придобивките од акумулациите што Вардарската долина може да ги понуди, стои во образложението.

Од Здружението сметаат дека, ние, како општество, мораме да ги зачуваме сите опции за развој и користење на природните ресурси на најодржлив можен начин.

-Затоа цениме дека трасата на брзата пруга може да биде адаптирана на локации каде би ги зачувала просторните можности на Вардарската долина овозможувајќи притоа истовремено и модерна транспортна инфраструктура и развој на хидроенергетиката. Затоа ја повикуваме Владата и Министерството за транспорт да не го нарушуваат концептот „Вардарска долина“ бидејќи само така можеме да ја обезбедиме иднината што ја заслужуваме – иднина во која енергијата тече слободно по Вардар, а со неа и просперитетот за сите нас. ВАРДАРСКА ДОЛИНА Е КОЛОСЕК НА НАШАТА ИДНИНА, се наведува во соопштението.