Skip to main content
Македонија

ИНРМ: Црквите под удар на ЕВН – помош бараат од ИНРМ, а правда од РКЕ

26/06/2025  07:58

Претставници од Преспанско-Пелагониската православна епархија – Битола, побараа помош од ИНРМ во врска со сериозните проблеми кои ги имаат со начинот на наплата за потрошена електрична енергија. Поединечните црковни објекти на епархијата (цркви, параклиси, манастири)  немаат пристап до фактури во соодветна форма, со што црковните одбори, кои најчесто се составени од постари лица, не се во можност да ја следат навреме состојбата со долговите. Па наместо да бидат предупредени со навремена опомена, објектите остануваат без информација сѐ до моментот кога веќе е покрената постапка за извршување и присилна наплата. Овие црковни објекти ЕВН ги води под еден кориснички број, па при било каков долг на било кој објект се врши присилна наплата преку извршители, притоа без било каква претходна опомена. Ваквата постапка е неправедна и директно ги крши основните обврски за транспарентност, еднаков третман и индивидуализирана наплата, пропишани во Законот за енергетика и Правилата за снабдување. Претставниците на Епархијата со право сметаат дека, ЕВН треба да постапува на начин каде објектите кои не платиле фактури треба да бидат исклучени од мрежата согласно законската процедура, што би претставувало јасен сигнал дека постои обврска која треба да се подмири. Таквиот начин би бил фер и транспарентен пристап со кој не би се доведувале во ситуација извршители да наплатуваат долгови за кои епархијата не може ниту да биде свесна дека постојат. Праксата со која сите црковни објекти на епархијата (цркви, параклиси, манастири) се водат под еден заеднички кориснички број не дава можност секој објект да биде индивидуално следен, да добие посебна фактура и што е најважно да одговара исклучиво за сопствената потрошувачка. Наместо тоа, долговите на поединечни објекти автоматски се претвораат во колективен долг на целата епархија, врз основа на кој се покренуваат извршни постапки и присилна наплата. Таквиот модел на наплата е крајно нетранспарентен, административно нефункционален и правно спорен.

По разгледување на случајот кој ни го презентираа, ги советувавме сето ова да го образложат во официјална претставка до Регулаторната комисија за енергетика како орган кој е надлежен да постапува кога се нарушени правата на потрошувачите. Претставниците на епархијата го прифатија советот и доставија писмен приговор до РКЕ, со кој укажаа на низата нерегуларности и дискриминаторски практики од страна на ЕВН.

Сметаме дека Регулаторната комисија има обврска да ја уважи поднесената претставка, бидејќи случајот содржи низа правни и системски неправилности што се спротивни на националната регулатива пред сé на Законот за енергетика, но и на подзаконските акти, меѓу кои и Правилата за снабдување со електрична енергија кои се сѐ уште во сила.

Ваквиот однос на ЕВН Хоме и ЕВН Електродистрибуција се неприфатливи, бидејќи станува збор за компании кои иако потекнуваат од Австрија, тое сепак имаат обврска да ги почитуваат Уставот, законите и прописите на Република Македонија. Не е дозволиво снабдувачот да создава услови во кои потрошувачите се дискриминирани, ставени во нерамноправна положба или лишени од пристап до точни и навремени информации. Не смее да се применуваат практики што ја ускратуваат можноста за транспарентна наплата, правна сигурност и еднаков третман.

Од тие причини, ИНРМ ја поддржува поднесената претставка и бара од Регулаторната комисија за енергетика да постапи по истата во најкус можен рок, да спроведе увид во случајот и да наложи соодветни мерки кон снабдувачот и операторот. Верските објекти и сите потрошувачи мора да бидат заштитени од системска неправда и непочитување на правата што им следуваат по закон, велат во денешната реакција од Здружението на инженери на Македонија (ИНРМ).