
Помал пожар избувнал во кујнскиот дел на угостителски објект сместен во Трговскиот центар во Кочани, откако се запалило црево поврзано со плинска боца. Настанот предизвика загриженост кај граѓаните кои во тој момент се наоѓале во централното градско подрачје.
Според информациите, вработените реагирале навремено и со противпожарни апарати успеале да го локализираат огнот пред тој да се прошири во останатиот дел од објектот.
На местото веднаш пристигнала Територијалната противпожарна единица од Кочани, чии припадници ги изнеле плинските боци од просторот и дополнително го обезбедиле теренот.
Поради чадот кој преку вентилацискиот систем се проширил кон дел од становите, неколку семејства од блок А во Трговскиот центар превентивно ги напуштиле своите домови.
Интервенирала и полицијата, а надлежните служби вршат проверка за причините за настанот. Според сведоци, благодарение на брзата реакција избегнати се посериозни последици.


