
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, изјави дека нема да се повлече откако судот донесе одлука да го задржи во притвор до судењето за обвиненијата за корупција.
„Ние, рака под рака, ќе го поништиме овој удар, оваа црна дамка врз нашата демократија. Стојам исправено и нема да потклекнам“, објави Имамоглу на социјалната мрежа „Х“.
Градоначалникот исто така се соочува со обвиненија за тероризам.
„Иако постои силно сомневање дека помагал на вооружена терористичка организација, бидејќи веќе е одлучено дека ќе биде уапсен за финансиски криминал, апсењето за тероризам во оваа фаза не се смета за неопходно“, соопшти судот.
Имамоглу, кој се смета за потенцијален противник на претседателот Реџеп Таип Ердоган на следните избори, беше уапсен на почетокот на оваа недела. Масовни протести избувнаа во повеќе од 10 турски градови, вклучувајќи ги Истанбул и Анкара, објави агенцијата Срна.