Skip to main content
Македонија

Има уште двајца пациенти кои се во тешка состојба и се лекуваат во странство, но засега се стабилни

17/04/2025  15:25

Министерството за здравство денес информираше дека согласно информации од Воено Медицинска Академија во Белград денеска претпладне, за жал, на повредите им подлегна Стојанче Стефанов, уште еден од повредените од трагедијата во Кочани, роден 2001 година.

Уште двајца повредени од пожарот во дискотеката Пулс во Кочани од 16 март, кои се лекуваат во странство, се во релативно тешка здравствена состојба, изјави попладнево на прес-конференција заменик министерот за здравство Јовица Андовски.

Стефанов е пациент, кој од првиот ден, согласно извршената првична тријажа од медицинските тимови е веднаш упатен на лекување во Воено Медицинска Академија во Белград и кој беше интубиран и во критична состојба во изминатиот месец.

Станува збор за пациент со 27 отсто зафатеност со изгореници и сериозни повреди од вдишување на чад.

Во ВМА е опериран на 4 април и поставен на ЕКМО апарат, преку кој се оксигенира крвта преку машина, заради вдишаниот чад. Но, заради сериозноста на повредите, тој поголем дел од хоспитализацијата бил нестабилен и во тешка општа состојба.

„Пациентот поради тежината на повредите на белодробието и опекотините на кожата, одлучивме да го транспортираме во Воено-медицинската академија. Оттаму добивме информација дека бил во критична состојба и на механичка вентилација. Влошувањето настанува во раните саати, пациентот им подлегнал на повредите во 11:15 часот. Комбинирани се тие повреди, изгореници од втор степен, но и сериозни опекотини на дишните патишта“, рече проф. д-р Андријан Карталов.

Моментално во странство се лекуваат 45 повредени.

Во текот на денов треба да пристигне пациент од Солун, кој ќе го продолжи лекувањето на Клиниката за пластична хирургија. На оваа клиника моментално се лекува една пациентка.

Од Ниш утре треба да пристигне во државава еден пациент, кој ќе го продолжи лекувањето во Стара градска, каде двајца се лекуваат таму моментално.

Две лица се лекуваат во приватна болница во Скопје.

Пожарот зеде 62 жртви, а близу 200 се здобија со повреди.