Skip to main content
Македонија

Илиевска од „Поинаку“: Буквално ги молевме оние што ги избравме во парламентот да ни овозможат да учествуваме на изборите

10/03/2026  20:44

Габриела Илиевска, претставничка на изборната група „Поинаку“, во гостување во „Ноќно Студио“ на 4ТВ го опиша искуството на независните кандидати во претходните изборни циклуси, потенцирајќи дека нивната активност е насочена кон обезбедување право на фер учество, а не кон финансиска поддршка.

„Како претставник на Поинаку, можам да кажам дека имаме три изборни циклуси како независни и бевме едни од првите кои настапија за прв пат во историјата на државата како независна група и влегоа во Советот на Општина Битола како независни советници“, истакна Илиевска, објави 4news.mk

Таа додаде дека формирањето на нови групи често е последица на „разводнување на работите“ и дека независните кандидати се принудени сами да бараат начин за учество на избори.

„Пред локалните избори бевме сведоци на низа состаноци за тоа како независните ќе можат да настапат. Буквално ги молевме оние што ги избравме во парламентот да ни овозможат да учествуваме“, рече Илиевска.

Според неа, постоело вакуум во правилата за кандидирање на независни советници и кандидати за градоначалници, поради што тие морале „од врата на врата“ да бараат начин за учество на избори. „Ние не зборуваме за финансирање или за некаква помош, буквално бараме да ни го овозможат она што ни следуваше согласно устав“, подвлече Илиевска.

Таа нагласи дека независните кандидати секогаш се воделе од принципи на фер демократија и законско право на учество во изборниот процес, без зависност од партиски структури.