
Секој 12 јуни светот се обединува во борбата против една од најболните и најнеправедни појави во современото општество – злоупотребата на детскиот труд. Светскиот ден против злоупотреба на детскиот труд не е само уште еден ден во календарот. Тој е потсетување дека детството е неприкосновено право и дека никогаш не смее да биде жртвувано за профит, сиромаштија или негрижа. Овој ден е и повик за акција – не само за институциите, туку за сите нас како општество. Да не заборавиме дека секое дете заслужува љубов, образование, игра и сигурна иднина, се наведува во соопштението на Институтот за јавно здравје, објавено денеска на неговата веб-страница.

– Овој ден е прогласен од Меѓународната организација на трудот (МОТ) во 2002 година со цел да се подигне свеста за милионите деца ширум светот кои, наместо да учат и да си играат, се принудени да работат во тешки и опасни услови. Па, така и Институтот за јавно здравје го одбележува овој ден. Детскиот труд не е само прашање на сиромаштија или недостиг на образование. Тоа е сериозно кршење на човековите права, кое остава длабоки последици врз развојот, здравјето и иднината на децата. Во суштина, детски труд е секоја работа што го спречува детето да оди на училиште, што му штети на физичкиот или менталниот развој, или што е извршувана во услови опасни по живот и здравје, потенцираат од Институтот.
Во нашата држава, како што истакнуваат оттаму, „иако не постојат масовни случаи на детски труд, сепак постојат појави каде што деца, особено од маргинализирани заедници, работат на улица, во семејни бизниси или собираат секундарни суровини“.
– Овие деца често не се заштитени со соодветна регулатива, а и институционалниот одговор не е секогаш доволно брз и ефикасен. Образованието, социјалната поддршка, како и ефикасните механизми за заштита на децата, треба да бидат приоритет. Од клучна важност е сите општествени чинители да дејствуваат заеднички. Просветните работници треба да ги препознаваат децата кои се изложени на ризик и да соработуваат со центрите за социјална работа. Владините институции треба да обезбедат подобри услови за социјално загрозените семејства, за децата да не бидат принудени да работат. Медиумите треба да продолжат да информираат и да ја подигнуваат свеста, а граѓаните да бидат внимателни, информирани и ангажирани, нагласуваат од Институтот.
За да се справат со овој проблем, како што се додава во соопштението, експертите препорачуваат пристојна работа за возрасни: обезбедување фер можности за вработување за намалување на економската потреба од детски труд, подобрена социјална заштита: имплементација на робусни мрежи за социјална сигурност за поддршка на ранливите семејства, пристап до квалитетно образование: обезбедување пристап до образование за сите деца, со што се намалува веројатноста за детски труд, справување со основните причини: справување со системски проблеми како што се сиромаштијата, нееднаквоста и недостатокот на пристап до услуги.
Според последните податоци на МОТ и УНИЦЕФ, се додава, повеќе од 160 милиони деца ширум светот се вклучени во некаков облик на труд, а повеќе од половината од нив се изложени на особено опасни услови.
– Тоа значи дека секое десетто дете на планетата не ужива во своето детство. Наместо книги, нивните раце држат алат. Наместо во училница, тие се наоѓаат на полиња, во рудници, на улици или во фабрики. Овие деца се лишени од основното право на безбедно детство и образование, се истакнува во соопштението.
Мотото на Светскиот ден против злоупотреба на детскиот труд за 2025 година е „Напредокот е очигледен, но, има уште многу да се направи: да ги забрзаме напорите!“.