Skip to main content
Македонија

ИЈЗ со апел: Празнувајте паметно – внимавајте на храната, алкохолот и пиротехниката

31/12/2025  18:56

Новогодишните празници претставуваат период на значајни промени во секојдневниот животен ритам, при што често доаѓа до нарушување на вообичаениот распоред на исхрана, предупредува Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во препораките до граѓаните по повод празниците, кои ги пренесува МИА.

Празничните прослави најчесто се одвиваат во доцните вечерни и ноќни часови, кога внесот на храна е зголемен, енергетски богат и често нутритивно небалансиран. Иако ваквите навики најчесто се доживуваат како привремени, нивното повторување може да има сериозни негативни ефекти врз здравјето.

Во вечерните и ноќните часови физиолошки се намалуваат метаболичката активност, инсулинската чувствителност и гастроинтестиналната мотилност. Како последица на тоа, доцниот внес на храна доведува до зголемено метаболичко оптоварување, нарушена регулација на шеќерот во крвта и поизразено складирање на енергијата во форма на масти.

Доцните и обилни оброци се поврзуваат и со нарушен квалитет на сон, појава на гастроезофагеален рефлукс, диспептични тегоби, чувство на тежина и абдоминална надуеност. На долг рок, овие навики се асоцирани со зголемен ризик од дебелина, кардиоваскуларни заболувања, дијабетес тип 2 и други хронични незаразни болести.

Со цел намалување на здравствените ризици за време на новогодишните и претстојните празници, ИЈЗ препорачува последниот поголем оброк да се консумира најмалку три до четири часа пред легнување и доцното јадење да не стане секојдневна навика. Доколку празничната вечера е неизбежна во доцните часови, се советува избор на полесна храна со пониска енергетска вредност, ограничување на масна, пржена и силно зачинета храна, како и внимавање на големината на порциите. По јадењето не се препорачува веднаш легнување, туку кратка прошетка или лесна физичка активност.

ИЈЗ посочува дека во деновите меѓу празничните прослави е важно да се одржува редовен дневен распоред на оброци, а лицата со гастроинтестинални, метаболни и кардиоваскуларни заболувања да бидат особено внимателни. По завршувањето на празничниот период, треба да се избегнува продолжување на навиката за доцно јадење.

Новогодишните празници традиционално се поврзуваат и со зголемена консумација на алкохол. Институтот апелира на умереност и самоконтрола, избегнување на брзо и прекумерно пиење и строго почитување на правилото никогаш да не се управува возило под дејство на алкохол. Се препорачува алкохолот да се комбинира со храна, редовно да се внесува вода и да се внимава на можните опасни интеракции со лекови. Бремените жени, малолетниците и лицата со хронични заболувања не треба да консумираат алкохол.

Посебно внимание се посветува и на употребата на петарди и пиротехнички средства, кои претставуваат сериозен ризик за здравјето и безбедноста. ИЈЗ нагласува дека пиротехниката не смее да се користи од деца и малолетници, никогаш да не се ракува со неа под дејство на алкохол и да не се активира повторно средство кое не експлодирало. Бучавата од пиротехниката може да предизвика стрес и здравствени проблеми, особено кај деца, постари лица и домашни миленици, па се препорачуваат и алтернативни, побезбедни начини на прослава.

При повреди, изгореници или пожари, ИЈЗ апелира веднаш да се побара медицинска помош и да се известат надлежните служби.

Институтот за јавно здравје на граѓаните им посакува среќна, мирна и здрава Нова 2026 година и апелира празниците да поминат со одговорно однесување и грижа за сопственото и јавното здравје.