
Македонија се крена на нозе за неправдата која и се случува на Невена Спасеска, мајка од Скопје, на која по разводот со нејзиниот сопруг од Охрид, Основниот суд во Охрид, а потоа и Апелациониот суд во Битола и пресудија четиригодишното дете да и биде одземено и да му припадне на таткото – без валидна правна и човечка основа, вели таа.
„Целиот процес беше како инквизиција. Поминав низ институционално насилство. Пресудите се базираа на апсурди – од тоа дека детето треба да биде со таткото бидејќи има повеќе пари, до тоа дека малите градови се подобри за деца. А јас? Јас не постојам во тие пресуди“, изјави Спасеска за А1Он.
На ваквата објава не остана рамнодушна ниту хрватската пејачка Северина која помина низ слична ситуација. Таа на Инстаграм упати зборови за поддршка и помош доколку и е потребна на мајката.
„Многу ми е жал што Ви се случува сето ова затоа што поминав институционално насилство и корупција. Мора да бидете јака, се надевам ја имате поддршката од родителите, но и материјални средства за добри адвокати. Ве гушкам силно, тука сум за било каква помош”, напиша Северина .
Адвокатскиот тим кој ја застапува Невена наведува дека „во текот на постапката се сторени сериозни повреди на постапката и погрешно е применето материјалното право“. Тие се надеваат дека Врховниот суд конечно ќе ја исправи оваа, како што ја нарекуваат, груба неправда.
Во законот стои дека дете може да биде одземено од мајка само доколку таа е психички неспособна, зависник или има други сериозни пречки. Но, во овој случај, Невена е далеку од тоа – таа е функционална, успешна и грижлива мајка. Судовите тоа дури и го констатираат, но сепак му го доделуваат старателството на таткото.