
Градоначалникот на Тирана, Ерион Велиај, кој од 10 февруари годинава е во притвор, и официјално е обвинет, откако беше запознат со обемното досие во кое се опфатени и неговата сопруга Ајола Џоџа и неколку бизнисмени и други лица.
Според Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, Велиај и Џоџа, се обвинети за сложена шема за корупција и перење пари, каде што преку компании директно или индиректно контролирани од Џоџа, тие добиле мито од околу милион евра од бизнисмени кои добивале градежни дозволи.
Меѓу обвинетите е и пратеничката од редовите на владејачката Социјалистичка партија, Клотилда Бушка, која е обвинета за попречување на истрагата, бидејќи му се заканувала на друго лице да не сведочи во СПАК против Велиај и неговата сопруга.
Исто така членови на семејството и подредени на Ајола Џоџа се обвинети. Во проблеми со правосудниот систем е Фатјон Бачи, полицаец во затворот, на чиј телефон Велиај имал неколку разговори за време на транспортот од затворот во Драч, каде е во притвор, до Апелациониот суд.
Сведочењето на Бачи изнесе на виделина детаљ за интересите на Велиај, кој се обидувал да избега од затвор и да се кандидира за пратеник на изборите што се одржаа на 11 мај, со цел да избега од правдата.
Вкупно, во ова досие со околу 60 илјади страници, има 30 лица, компании и непрофитни организации.
Од самиот почеток Велиај ги негираше сите обвиненија, опишувајќи го судењето против него како „кафкијанско“, но неговите напори да ја врати слободата беа неуспешни.
Неуспешни беа и барањата за замена на затворскиот со поблага мерка доставени до неколку судски инстанци.
Велиај(46) градоначалник на Тирана беше во два мандата, член е на владејачката Социјалистичка партија а бил и министер социјална заштита.