Skip to main content
Балкан

Хрватска: Католичката црква годинава од куќен благослов би можела да заработи 17 милиони евра

27/12/2024  11:18

Од вчера (Св. Стефан/ Štefanje/ Stjepandan) во повеќето жупи во Хрватска почна благословувањето на куќите кое трае генерално до 6 јануари и се очекува Католичката црква во таа држава  да заработи повеќе од лани, јавија хрватски медиуми.

Во една жупа во Славонија, Надбискупијата пропиша надоместот на верниците да изнесува 30 евра по брачен пар. Ова е т.н милостина што се плаќа на црквата и нема врска со благословот. Многу луѓе го плаќаат тоа во времето на семејните благослови, јавија хрватски медиуми.

Друга славонска жупа, онаа во областа Славонски Брод, во упатството за благослов на куќи им се заблагодарува на верниците „за подарокот што ќе им го дадете на свештеникот и неговиот помошник од црквата“.

„Овој подарок не оди за свештеникот, туку за потребите на црквата. Ништо не должите, затоа ви благодариме за вашата чувствителност во поддршката на црквата“, им порачаа од жупата на верниците.

Во изјава за хрватски медиуми дел од граѓаните наведуваат дека ќе дадат помеѓу 20 и 30 евра.

За време на тие десет дена благословување на куќите, Црквата ќе има пристоен профит.

Според последниот попис, во Хрватска има околу три милиони католици или 79 отсто од вкупното население. Според истиот попис, секое домаќинство брои во просек по 2,7 члена.

Ако може да се верува на статистиката, во Хрватска има околу милион католички домаќинства – се претпоставува дека околу две третини од домаќинствата ќе добијат благослов (случај во претходните години).

Тоа, де факто, значи дека во следните десет дена свештениците ќе влезат во речиси 700.000 домаќинства. Просечниот дар за време на благословот годинава, според груби пресметки на хрватски медиуми, треба да биде околу 25 евра. Со таа сума – Црквата од благослов на куќи ќе заработи повеќе од 17 милиони евра. Во просек тоа е околу еден и пол милион евра дневно (деновите помеѓу Св.Стефан и 6 Јануари/Три кралеви/Водици).