
Заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, изјави дека Хрватска и Албанија се сигурни и доверливи сојузници во рамките на Алијансата и дека нивниот ангажман придонесува за стабилноста во регионот на Западен Балкан. Таа истакна дека НАТО не е вклучен во разговорите за евентуален воен сојуз меѓу Тирана, Приштина и Загреб.
Во интервју за агенцијата „Бета“, Шекеринска посочи дека членството во НАТО не претставува пречка за земјите членки да воспоставуваат дополнителни одбранбени договори со други држави.
„Она што генерално го гледаме е дека глобалната геополитичка ситуација има влијание и врз регионот. Сведоци сме на повеќе воени вежби, зголемени инвестиции во одбраната и безбедноста, но секогаш ги повикуваме сојузниците и партнерите да се фокусираат и на политички дијалог и решавање на отворените прашања“, изјави Шекеринска.
Според неа, присуството на НАТО на Западен Балкан има за цел да го поддржи политичкиот дијалог и стабилноста во регионот, нагласувајќи дека Албанија и Хрватска се важни придонесувачи за регионалниот мир.
„Тие не се само сигурни и вредни сојузници во рамките на Алијансата, туку и активни учесници во напорите за стабилност, вклучително и преку нивното учество во КФОР“, додаде Шекеринска.
Во меѓувреме, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во неколку наврати оцени дека евентуалното воено поврзување меѓу Албанија, Хрватска и Приштина претставува директна закана за Србија. Тој праша зошто земји кои веќе се членки на НАТО имаат потреба од дополнителни безбедносни договори, посочувајќи дека вклучувањето на Приштина се толкува како насочено кон Србија.
Вучиќ повтори дека Србија е подготвена да одговори на секоја потенцијална закана по својата безбедност.

