
Македонската фудбалска репрезентација одигра одличен натпревар против Белгија и заслужено освои бод во мечот што заврши со резултат 1-1. Иако нерешено, впечатокот е дека токму „црвено-жолтите“ беа поблиску до целосен триумф.

Елмас и Алиоски ги стресоа диреците на противничкиот гол, а Македонија во текот на целиот натпревар играше храбро, борбено и дисциплинирано. Имаше и две спорни ситуации кои беа разгледувани со ВАР, како и неколку контроверзни судиски одлуки од англискиот судија Каванаг, кои директно влијаеја врз текот и ритамот на натпреварот.
Селекторот и фудбалерите покажаа дека Македонија може да се носи и со фудбалски велесили, притоа задржувајќи ја својата игра и идентитет.
Белгија, од друга страна, не го оправда статусот на фаворит. Делуваше неорганизирано, бавно и далеку од формата што ја имаше во своите најдобри денови.
Овој бод против една од најреномираните европски селекции е нова потврда дека македонскиот фудбал чекори напред и дека навивачите имаат причина за гордост.