Skip to main content
Балкан

Хорор во Косово: Татко ги избоде двете ќерки и сопругата – едната ќерка почина

08/05/2025  20:04

Основниот суд во Призрен му одреди мерка притвор од 30 дена на турскиот државјанин М.Г., со привремено живеалиште во Призрен, кој е осомничен дека на брутален начин ги нападнал своите две ќерки и сопругата.

Трагичниот настан се случил во вторникот рано утрото, околу 6 часот, веднаш по утринската молитва, кога осомничениот со нож од типот „бајонет“ ги нападнал членовите од неговото семејство додека спиеле.

Од добиените повреди на самото место починала неговата 15-годишна ќерка, додека 10-годишната ќерка се наоѓа во критична состојба и се бори за живот. Неговата сопруга исто така била избодена и хоспитализирана со тешки повреди.

Обвинителството тврди дека осомничениот, на возраст од околу 45 години, со намера го извршил нападот и бараше изрекување мерка притвор поради опасност од бегство и сериозноста на делата.

Судот го прифати барањето и одлучи да му одреди притвор до 5 јуни. Во соопштението се наведува дека М.Г. е осомничен за три тешки кривични дела: „Тешко убиство“, „Тешко убиство во обид“ и „Неовластено поседување, контрола или поседување оружје“, согласно Кривичниот законик на Република Косово.

„Судот ја зеде предвид тежината на кривичните дела, како и начинот и околностите под кои се сомнева дека се извршени, во семејна средина и врз малолетни лица. Имајќи ја предвид решителноста со која осомничениот ги извршил делата, притворот е неопходен и разумен“, се наведува во судското соопштение.

Дополнително, судот укажа дека осомничениот нема постојано живеалиште во Косово, што дополнително го зголемува ризикот од бегство.

Истрагата е во тек, а јавноста е потресена од бруталноста на делото.