
Партиите од владејачката коалиција во Холандија најавија иницијатива за зголемување на минималната возраст за купување и користење тутунски производи и електронски цигари од сегашните 18 на 21 година. Предлогот го поддржуваат „Демократи-66“, Народната партија за слобода и демократија и Христијандемократскиот апел. Со оваа мерка, коалициските партнери имаат цел да го продолжат спроведувањето на стратегијата за создавање „генерација без пушење“. Во рамки на предлогот се предвидува и дополнително заострување на правилата, со што би се вовела кривична одговорност за поседување и складирање ароматизирани вејп-уреди, кои веќе се забранети со важечката регулатива.
Засега не е соопштено кога евентуално би започнала примената на новата старосна граница, доколку законските измени добијат поддршка. Инаку, зголемувањето на старосната граница веќе подолго време го поддржуваат психолози и експерти за третман на зависности, кои укажуваат дека младите сè помалку посегнуваат по класични цигари, но бележат растечка употреба на електронски цигари и вејп-уреди. Според Националниот договор за превенција, целта е Холандија до 2040 година да стане земја без пушачи, односно со целосно нова генерација која нема да користи тутунски производи.
