
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари средба со амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија, Михалис Рокас, при што беше потврдена заедничката заложба за заштита и одржлив развој на Преспанскиот регион. На средбата беше истакнато дека Европската Унија останува силно посветена на зачувување на Преспа Паркот, преку нови и засилени активности насочени кон заштита на неговиот уникатен екосистем. Преспа беше оценета како природно богатство од исклучително значење за целиот регион.
Министерот Хоџа изрази благодарност за континуираната поддршка од Европската Унија и ја нагласи важноста од понатамошно унапредување на соработката за обезбедување долгорочна заштита и одржлив развој. Амбасадорот Рокас, пак, посочи дека заштитата на животната средина е клучен приоритет во европската агенда и ја истакна Преспа како пример за успешна прекугранична соработка.
Двајцата соговорници се согласија дека преку заеднички напори може да се придонесе за зачувување на природното и културното наследство и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните од овој регион. Европската Унија ќе продолжи да инвестира во иницијативи за долгорочна заштита, а во рамки на програмите како „ЕУ за Преспа” се реализираат проекти за заштита на биодиверзитетот, одржливо управување со природните ресурси, водите и отпадот, како и за поттикнување на локалниот економски развој.

