Skip to main content
Македонија

Хоџа: Нова опрема за отпад во Струга и засилени инвестиции во инфраструктурата

09/04/2026  17:41

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, заедно со градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, изврши увид во новонабавената комунална опрема – дел од воспоставувањето интегриран и одржлив регионален систем за управување со отпад.

Во оваа фаза од проектот, кој се спроведува со поддршка од Европската банка за обнова и развој, Општина Струга добива три камиони за собирање отпад со капацитет од 12 м³, два камиони од 8 м³ и еден кипер камион, како и 8.204 канти  и 132 контејнери. Дел од опремата е веќе доделена, додека останатата ќе биде испорачана до октомври 2026 година, со што значително се зајакнуваат капацитетите на јавното комунално претпријатие и се подобрува покриеноста со услуги во урбаните и руралните средини.

Во рамки на посетата, министерот беше информиран и за напредокот на терен на другите инвестиции во Струга поддржани од Министерството-изградбата на нова водоводна мрежа во градот и колекторскиот систем Радожда–Калишта. Работата на оваа клучна инфраструктура, вклучително и денешниот почеток на изградбата на канализационен систем во село Враништа, се доказ за посветеноста на министерството кон почиста и поздрава животна средина за граѓаните од струшкиот регион.