Skip to main content
Македонија

Херојот на Скопје: Пожарникарот Тони Пигуловиќ 48 часа во борба со пламените јазици

09/07/2025  21:20

Тони Пигуловиќ, пожарникар од Територијалната противпожарна единица Скопје (ТППЕ), е едно од лицата што симболизираат пожртвуваност и храброст во деновите кога огнот беснее низ Македонија. Веќе 48 часа без прекин, Пигуловиќ се бори со пожарите што ја зафатија околината на главниот град.

Скопските пожарникари со денови вложуваат натчовечки напори за гаснење на повеќекратните пожари што се активни на неколку локации во периферијата на Скопје. Според последното соопштение од Центарот за управување со кризи (ЦУК), на скопското подрачје има шест активни пожари.

На државно ниво, на 9 јули 2025 до 18:00 часот, се евидентирани вкупно 25 пожари на отворен простор, од кои 21 сè уште се активни. Најзагрозени подрачја се општините Македонски Брод, Чашка, Чучер Сандево, Дојран, Шуто Оризари, Ѓорче Петров, Петровец, Радишани, Сарај и други.

Во Ѓорче Петров огнот зафатил куќи, а активни пожари се бележат и кај депониите, шумите и на неколку други локации со ниска вегетација.

Надлежните апелираат на внимателност, но и на солидарност, додека пожарникарите, волонтерите и сите служби даваат сè од себе за да ја стават ситуацијата под контрола.