Skip to main content
Свет

Хегсет: Ја започнуваме операцијата „Јужно копје“ за да се „исчисти земјата од наркотерористи“

14/11/2025  09:33

Американскиот министер за војна, Пит Хегсет, го најави почетокот на операцијата „Јужно копје“, за која рече дека ќе ги има за цел „наркотерористите“ и ќе ги заштити САД од дрогата што ги убива луѓето.

„Претседателот на САД, Доналд Трамп, нареди акција, а Министерството за војна ја спроведува. Денеска ја објавувам операцијата „Јужно копје“, напиша Хегсет во објава на социјалната мрежа X.

Според „Аксиос“, не е сосема јасно дали Хегсет се осврнувал на тековните американски операции во близина на Венецуела и пошироко, или станува збор за нова, проширена мисија.

Си-Би-Ес Њуз, повикувајќи се на повеќе извори запознаени со состаноците во Белата куќа, пишува дека станува збор за нови напади врз бродови што транспортираат дрога и потсетува дека во услови на растечки тензии меѓу САД и Венецуела, високи американски воени претставници му ги презентирале на претседателот на САД, Доналд Трамп, ажурираните опции за потенцијални операции во Венецуела, вклучително и копнени напади.

Министерот за војна, Пит Хегсет, претседателот на Здружениот штаб, Ден Кејн, и други високи функционери го информирале Трамп за можните воени опции за наредните денови, но не е донесена конечна одлука, изјавија два извори за Си-Би-Ес Њуз (CBS News).

Портпаролот на Белата куќа не даде веднаш коментар, додека портпаролот на Пентагон одби да коментира.

Американската разузнавачка заедница помогна да се обезбедат информации за потенцијални операции.

Претходно неделава, носачот на авиони „УСС Џералд Форд“ влезе во зоната на одговорност на Јужната команда на САД, главната борбена единица за операции во Карибите и Јужна Америка, и се придружи на флотилата од разурнувачи и средства за специјални операции што веќе се наоѓаат во регионот.

Во изминатите два месеци, американската војска изврши рација во најмалку 20 бродови за кои вели дека транспортирале дрога од Јужна Америка во САД, при што беа убиени најмалку 80 наводни шверцери.