Skip to main content
Македонија

Хашка декларација: Членките на НАТО се обврзаа да инвестираат пет отсто од БДП за одбраната до 2035 година 

25/06/2025  17:29

Земјите членки на НАТО на денешниот Самит во Хаг се обврзаа да инвестираат по пет отсто од националниот БДП годишно за основните потреби за одбраната и безбедноста до 2035 година. 

– Обединети пред сериозните безбедносни закани и предизвици, особено долгорочната закана што ја претставува Русија за евроатлантската безбедност и постојаната закана од тероризмот, сојузниците се обврзуваат да инвестираат пет отсто од БДП годишно за основни одбранбени потреби, како и за трошоци поврзани со одбраната и безбедноста до 2035 година, за да ги обезбедат нашите индивидуални и колективни обврски, во согласност со член 3 од Вашингтонскиот договор, се наведува во Декларацијата усвоена на денешниот Самит на НАТО во Хаг. 

Во документот се посочува дека овие инвестиции ќе обезбедат сили, капацитети, ресурси, инфраструктура, подготвеност за војување и отпорност потребни за одвраќање и одбрана во согласност со три основни задачи на НАТО: одвраќање и одбрана, спречување и справување со кризи и соработка во безбедноста. 

Согласно договореното, од средства во висина од пет отсто од БДП, најмалку 3,5 проценти годишно ќе бидат наменети за расходи за одбрана на НАТО, за потребите за основни одбранбени ресурси и за исполнување на Целите за способностите на Алијансата.  

– Сојузниците се согласуваат да поднесуваат годишни планови што покажуваат кредибилен, постепен пат за постигнување на оваа цел, се вели во документот, 

Останатите 1,5 отсто од БДП годишно, меѓу другото, ќе бидат наменети за заштита на критична инфраструктура, обезбедување на граѓанска подготвеност и отпорност, иновациите и за зајакнување на одбранбената индустриска база. 

– Траекторијата и рамнотежата на трошењето според овој план ќе бидат разгледани во 2029 година, во светлината на стратешкото опкружување и ажурираните Цели за способностите, се додава во текстот.  

Лидерите на НАТО ја потврдуваат и заедничка посветеност за брзо проширување на трансатлантската индустриска соработка во одбраната и искористување на новите технологија и во духот на иновациите за унапредување на колективна безбедност.  

– Ќе работиме на елиминирање на трговските бариери во одбраната меѓу сојузниците и ќе ги искористиме нашите партнерства за промовирање на индустриската соработка во одбраната, се вели во Декларацијата. 

 Во неа натаму сојузниците ги потврдуваат своите трајни суверени обврски за поддршка на Украина, чија безбедност придонесува за безбедноста на НАТО и за таа цел се реафирмира посветеноста на директен придонес кон одбраната на Украина и нејзината одбранбена индустрија при пресметувањето на трошоците за одбрана на сојузниците. 

– Ние, шефовите на држави и влади на Северноатлантскиот сојуз, се собравме во Хаг за да ја потврдиме нашата посветеност кон НАТО, најсилниот сојуз во историјата, и кон трансатлантската врска. Ја потврдуваме нашата непоколеблива посветеност кон колективната одбрана како што е загарантирано во член 5 од Вашингтонскиот договор – дека нападот врз еден сојузник е напад врз сите. Остануваме обединети и непоколебливи во нашата решеност да ги заштитиме нашите една милијарда граѓани, да ја браниме Алијансата и да ја заштитиме нашата слобода и демократија, се наведува во Хашката декларација. 

Следниот Самит на НАТО во 2026 година ќе се одржи во Турција, по што ќе следи средба на врвот во Албанија.