Skip to main content
Свет

Хамас објави видео од двајца живи израелски заложници

06/04/2025  09:36

Вооруженото крило на палестинското движење Хамас објави видео на кое се гледаат двајца израелски заложници во Појасот Газа, во кое тие тврдат дека наводно преживеале нов израелски напад.

По два месеци кревко примирје меѓу Хамас и Израел, на 18 март, израелската армија ја продолжи воената офанзива во Појасот Газа, од каде што палестинското движење почна напади врз Израел на 7 октомври 2023 година.

Видеото, кое го пренесе бригадата Езедин ал Касам, трае нешто повеќе од две минути.

Еден од двајцата мажи изгледа повреден, со завои на лицето и десната рака. АФП не можеше да ја потврди автентичноста на видеото или датумот кога е снимено.

Форумот за фамилии на заложници, главната организација која се залага за ослободување на Израелците кои се држат во Појасот Газа, соопшти дека идентификувале еден од двајцата заложници како Максим Херкин, чие семејство побара од медиумите да не го објавуваат видеото.

Според израелските медиуми, вториот заложник е војникот Бар Куперштајн.

Двајцата мажи беа киднапирани на 7 октомври 2023 година, за време на нападот на на Хамас на музичкиот фестивал Нова.

Неодамнешниот прекин на огнот овозможи враќање на 33 израелски заложници, вклучително и осум кои оттогаш загинаа, во замена за ослободување на околу 1.800 Палестинци кои се држат во израелските затвори.

Од 18 март, армијата го засили бомбардирањето на Газа и ги испрати своите војници назад на фронтот, во многу делови од териториите од кои армијата се повлече за време на прекинот на огнот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговата влада тврдат, против советите на повеќето семејства и роднини на заложниците, дека зголемениот воен притисок е единствениот начин да се принуди Хамас да ги врати.

Од 251 заложник киднапирани за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, 58 се уште се на палестинските територии, вклучително и 34 за кои се верува дека се мртви.