Skip to main content
Македонија

Халата за лесна индустрија станала клуб без знаење на сопственикот, тврди одбраната

02/12/2025  16:04

„Гроздан не бил известен од првообвинетиот каква дејност ќе се обавува во објектот. Во договорот за закупу не е наведена дејноста.“ Со оваа теза одбраната на обвинетиот Гроздан Милковски, сопственик на халата во која беше сместен клубот „Пулс“, се обидува да покаже дека тој бил само закуподавач кој немал увид што всушност се случува во неговиот имот.

Адвокатот на Милковски пред судот изјави дека неговиот клиент никогаш, ниту усно ниту писмено, не дал согласност за внатрешно уредување на објектот, алудирајќи директно на поставувањето на лесно запаливите сунѓери и другите материјали кои го поттикнаа неконтролираното ширење на огнот. Одбраната смета дека Милковски не можел да знае што прават закупците доколку тие не го информирале, а надлежните институции не преземале ништо за да укажат дека објектот е небезбеден.

Бранителот посочи и на значаен проблем – документацијата која му е потребна на обвинетиот за одбрана не е достапна. Голем дел од документите се наоѓаат во гаражата залепена до дискотеката, која не е оштетена од пожарот. Адвокатот објасни дека до Обвинителството е поднесено барање за влез во просторот, токму заради пристап до документацијата со која, како што вели, ќе ја докажува невиноста на Милковски.

Обвинителството, пак, има сосема поинаква позиција. Според обвинението, Милковски се товари за „Тешки дела против општата сигурност“, а обвинителите тврдат дека тој знаел за намената на просторот. Во актот се наведува дека објектот, според имотниот лист, има намена за „лесна индустрија“, а не за дискотека, но и покрај тоа му бил ставен на располагање на Дејан Јованов без соодветни одобренија. Обвинителите дополнително тврдат дека Милковски учествувал во реконструкцијата на објектот, свесен дека се вршат зафати без одобрение за градба и дека промените можат да влијаат врз стабилноста и безбедноста на градбата.

Помеѓу двете спротивставени страни – одбраната која инсистира дека Милковски „не знаел ништо“ и Обвинителството кое тврди дека „знал и учествувал“ – судот ќе треба да ја утврди вистината во еден од најтешките и најследени случаи во последните години.