
Распространета на 370 километри, преку пет планини и низ шест заштитени подрачја во Северна Македонија, Косово и Албанија, патеката Хај Скардус е еден од најатрактивните туристички белези на земјава и регионот, кој од година во година привлекува сè повеќе туристи. Оние кои ја доживеале ја опишуваат како уникатна „изложба“ на прекрасни пејзажи, богато природно и културно наследство и неодолива рута на вкусна храна.
Хај Скардус има вкупно 20 планинарски патеки и потребни се отприлика исто толку денови за да се мине и доживее целата рута. Се протега на Шар Планина, Кораб, Дешат, Јабланица и Галичица, а ако ја изодите по целата должина, осум пати ќе минете од една во друга држава преку таканаречени „зелени премини“. Патешествието по Хај Скардус може да се започне од четири градови – Тетово и Охрид во Северна Македонија, Призрен во Косово или Пешкопеја во Албанија.
Патеката чие име потекнува од латинскиот назив Скардус, што во превод значи „шарена планина“, во 2022 година беше прогласена за најдобар европски туристички проект од British Travel Writers Guild.
ПЛОД НА ЕНТУЗИЈАЗАМ, ПОДДРШКА И СОРАБОТКА
Патеката Хај Скардус почна да се развива во 2017 година од страна на неколку ентузијасти и вљубеници во планината, со поддршка на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ). Двајца од четворицата креатори на патеката се од земјава – Константин Циривири, претседател на Македонската асоцијација на интернационални водичи во планина и Јован Божиноски, претседател на Планинарскиот клуб Љуботен.

„Оваа патека е целосно направена согласно светските стандарди за креирање нови туристички производи. Тоа подразбира создавање инфраструктура на терен – самата патека и сместувачките точки по нејзината должина, обука на стручни лица што ќе ја сервисираат оваа патека како професионални водичи и стручни лица за поставување и одржување планински патеки, изработка на промотивен и информативен материјал и неминовната промоција и пласман на меѓународниот пазар“, вели Циривири.
Според него, Хај Скардус е прв комплетен и меѓународно конкурентен туристички производ во земјава, пред сè заради неговата уникатност и сеопфатниот пристап при креирањето.
„Примарната траса е долга 370 километри, а заедно со таканаречените секундарни патеки, кои преставуваат алтернативи на примарната траса или влезни линии кон главната траса, нејзината должина изнесува околу 500 километри. Тоа само по себе е огромен инфраструктурен зафат, имајќи предвид дека најголемиот дел од патеката е поставен на надморска височина над 2000 метри. Повеќе од 90 отсто од патеката е поставена во заштитени подрачја, што ѝ дава дополнителна вредност“, објаснува Циривири.

Божиноски се надоврзува дека особено позитивно е тоа што Хај Скардус во изминатите осум години постојано расте и се развива како туристички бренд.
„Изминатите четири години Хај Скардус го има приматот на најдобра и единствена туристичка понуда на Шар Планина и во регионот. Популарноста на патеката од година во година расте, а со тоа и бројот на посетители, кој слободно можам да кажам дека последнава година се зголеми за 50 отсто. Патеката придонесе да се унапредат и услугите кои се протегаат по нејзината должина, од типот на сместувачки капацитети, превозници и слично“, вели Божиноски.

Еден од локалните жители кои отворија нови сместувачки капацитети е Насер Џемаили. Тој доби грант од GIZ за унапредување на условите за сместување во планинарскиот дом во близина на врвот Кобилица на Шар Планина.
„Поддршката од GIZ беше тоа што ме мотивираше да почнам да се занимавам со туризам. Годинава досега имавме 150 туристи, но интересот постојано расте. Патеката е атрактивна, има интересни места и како што се дознава за неа, сè повеќе луѓе доаѓаат да ја посетат“, раскажува Џемаили.
Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) повеќе од 30 години работи на унапредување на руралниот, авантуристичкиот, гастро и етно туризмот низ цел Западен Балкан. Го поддржаа настанувањето и развојот на Хај Скардус преку инфраструктурно уредување и поставување сигнализација на патеките, обука на професионални водачи на планина според светскиот UIMLA стандард, доделување грантови за подобрување на услугите на сместувачки и угостителски капацитети и промоција на патеката.

„GIZ помогна овој неверојатен туристички потенцијал на регионот да се трансформира во успешна и одржлива приказна. Патеката Хај Скардус ги поврзува локалните заедници, а преку промовирање одржлив туризам и поддршка на руралните бизниси, создава нови можности и придонесува за долгорочен регионален развој. Ние очекуваме, Хај Скардус да го повтори, па дури и надмине успехот на Врвовите на Балканот (Peaks of the Balkan), уште една транснационална планинарска траса (Албанија-Косово-Црна Гора) поддржана од ГИЗ, која годишно регистрира 43.000 туристи и носи приходи од над 16 милиони евра“, вели Аница Палацо, советник во GIZ.
Хај Скардус има неограничен потенцијал за развој, диверзификација на туристичката понуда и ставање на Северна Македонија и регионот на мапата на светски планински и авантуристички атракции. За целосно искористување на овој потенцијал, неопходни се постојано вложување, следење на глобалните туристички трендови и партнерска соработка, како меѓу трите земји, така и меѓу сите чинители кои може да придонесат Хај Скардус да прерасне во заштитен знак на Западен Балкан.


