
Американскиот адвокат Марк Зел, претседател на Републиканската партија во Израел, неодамна се регистрираше како лобист во име на Република Српска, чиј претседател Милорад Додик се соочува со меѓународна потерница додека присуствуваше на конференција во Израел организирана од Министерството за дијаспора.
Една од главните цели на лобирањето е укинување на санкциите наметнати од САД кон Додик.
Како што наведува Хаарец, според Законот за регистрација на странски агенти на САД (FARA), секој американски државјанин или фирма што претставува странски ентитет е должен однапред да пријави такви активности.
Според податоците од САД, фирмата на Зел, Zell & Associates International Advocates, се регистрирала како лобист за Република Српска во јануари оваа година.
Зел, кој живее во израелската населба Кфар Ецион на Западниот брег, ја навел таа адреса кога се регистрирал. Неговата компанија, како што покажуваат документите, има канцеларии во Њујорк, Вашингтон, Торонто, Москва и Аман. За неговите услуги Зел ќе добие 840.000 долари.
Според договорот потпишан од шефот на кабинетот на Милорад Додик, главната цел на лобирањето е „воспоставување и промовирање на дијалогот меѓу Република Српска и идната администрација на Доналд Трамп, со цел да се подобрат односите меѓу РС, нејзиното раководство и Соединетите Американски Држави“.
Документите покажуваат дека Зел ќе работи на укинување на личните санкции против Додик, како и на поранешната претседателка на Република Српска Жељка Цвијановиќ, актуелен член на Претседателството на БиХ. Во случај на успех, адвокатската канцеларија ќе добие дополнителен бонус.
Израел и БиХ се потписници на Европската конвенција за екстрадиција, која ги обврзува земјите-членки да екстрадираат барани лица, со одредени исклучоци. Министерството за правда на Израел не сакаше да коментира дали Босна и Херцеговина поднела барање за екстрадиција на Милорад Додик.