Skip to main content
Свет

Гугл ги враќа на работа работниците што претходно ги отпушти

21/12/2025  11:19

Како што се заострува „војната за AI таленти“ меѓу компании како OpenAI, Meta и Anthropic, Гугл еден од начините да се натпреварува е повторно да ги вработува поранешните работници.

Според CNBC, околу 20% од софтверските инженери кои работат на вештачка интелигенција и кои Гугл ги вработил во 2025 година се „бумеранг“ работници – поранешни вработени кои се враќаат, што е зголемување во однос на претходните години.

Портпаролот на Гугл потврдил дека статистиката останува точна и во декември и дека компанијата забележала раст на бројот на AI истражувачи.

„Полни сме со енергија поради нашиот моментум, компјутерските ресурси и таленти, а инженерите сакаат да работат тука за да продолжат да развиваат револуционерни производи“, изјавил портпаролот, пренесува Klix.

Дон Кејси, шеф на одделот за компензации во Гугл, неодамна на состанок информирал дека софтверските инженери кои се фокусирани на AI се привлечени од големите финансиски ресурси на Гугл и импресивната компјутерска инфраструктура за напредни AI проекти.

Гугл има голем базен на поранешни работници кои може „повторно да ги ангажира“, особено по најголемото отпуштање во почетокот на 2023 година, кога матичната компанија Alphabet отпушти 12.000 работници, намалувајќи го бројот на вработени за шест проценти. Ова следеше по падот на пазарот предизвикан од растечка инфлација и зголемени каматни стапки. Гугл од тогаш продолжи со постепени отпуштања и откупи на договори.

Според податоците на ADP Research објавени порано оваа година, бројот на „бумеранг“ работници во целата индустрија расте, а секторот класифициран како информатички покажува најизразени бројки.