Skip to main content
Македонија

Ѓубрето од Скопје ги „потопи“ челниците на „Комунална хигиена“, не работеле по планот, дозволиле мини депонии на улици и тротоари, го загрозиле здравјето на скопјани

28/10/2025  14:01

СВР Скопје денеска (28.10.2025) поднесе кривични пријави против С.Р. (38) и А.С. (55) до Основното јавно обвинителство – Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „загрозување на животната средина и природата со отпад“, согласно член 230 став 1 од Кривичниот законик.

Според информациите од полицијата, С.Р. како в.д. директор, а А.С. како управител за отпад во ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, постапувале спротивно на Законот за управување со отпад и на својата основна дејност – редовно собирање и транспортирање на отпадот на подрачјето на град Скопје. Со непрописно управување со отпадот и пропуштање на целосен надзор, тие овозможиле создавање на мали депонии на јавни и сообраќајни површини, што резултирало со оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и ризик по здравјето на граѓаните од можни заразни и други болести.

Ваквите сомненија се потврдени со вонредни инспекциски надзори спроведени од овластените локални инспектори за животна средина, кои постапиле по насоки на обвинителството, како и со експертско мислење од Институтот за јавно здравје, кое укажува дека отпадот може да предизвика негативни последици врз јавното здравје.

Од Основното јавно обвинителство Скопје денеска соопштија дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против двете лица поради сомнение за истото кривично дело.

„Осомничените, од кои едниот в.д. директор, а другиот управител за отпад во ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје, заедно постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на своите обврски предвидени во Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад и во Оперативниот план за одржување на јавната чистота во градот“, соопшти обвинителството.

Поради опасност од влијание врз сведоци и можност за повторување на делото, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.