Додека полицијата и обвинителството ја испитуваат улогата на поранешниот вицепремиер Артан Груби за малверзации преку „Државна лотарија“, што резултираше со кривична пријава против него и уште 7 лица за злоупотреба тешка над 8 милиони евра, Државната комисија за спречување на корупција ја проверува неговата имотна состојба, при што течат анализи на обезбедените податоци од институции и банки.
„Постапката по оформениот предмет во однос на проверката на имотната состојба на поранешниот вицепремиер Артан Груби е во тек. Прибавени се податоци од надлежни институции и банки во Република Северна Македонија и во тек е анализа на истите. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница која ќе биде објавена на ВЕБ страницата“, велат од Антикорупциската комисија за „Фокус“.