
Основното јавно обвинителство во Велес поведе истражна постапка против едно лице осомничено дека, заедно со уште едно засега непознато лице, сторило кривично дело убиство, казниво по член 123 став 1 од Кривичниот законик.
Според обвинителството, на 5 ноември, во местото викано Поројница, во близина на земјениот пат од Чашка кон селото Бусилци, осомничениот го намамил велешанецот Ѓело Ѓошев и со својот автомобил го однел на локацијата. Таму, заедно со друго лице кое сè уште не е идентификувано, пукале во него со огнено оружје и му нанеле прострелна рана во главата, од која жртвата починала на лице место.
Од досегашната истрага произлегува дека осомничениот и претходно бил осудуван за разбојништво. По извршеното убиство, тој се обидел да ги прикрие трагите и на тој начин да влијае врз понатамошниот тек на постапката.
Јавниот обвинител оценил дека постои опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците, како и ризик да го повтори делото, па до судот доставил предлог за определување мерка притвор.
Во меѓувреме, полицијата, по наредба на обвинителството, продолжува со интензивна истрага за откривање на вториот соизвршител и за утврдување на мотивите за убиството

