
Актуелниот в. д. градоначалник на Кочани и независен кандидат за втор мандат, Венко Крстевски, и кандидатот поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, Владко Грозданов, ќе одат во втор круг на локалните избори.
Во Кочани ќе се одржи втор круг бидејќи според конечните резултати од 100% обработени избирачки места, Грозданов освои 5.641 глас, додека Крстевски доби 3.394 гласа. На третото место е кандидатот на СДСМ, Игор Христов, со 2.444 гласа. Меѓутоа, на социјалните мрежи вчера вечер беше објавено видео како независниот Венко Крстевски, во друштво на советникот Аки Акиов, кој стана познат во јавноста по тоа што со шише удри во глава своја колешка, како слават опкружени со толпа граѓани во ромската населба во Кочани.
Во општина Кочани, која со месеци е во фокусот на јавноста поради трагедијата во т.н.дискотека Пулс, мнозинството граѓани гласаше за кандидатот на коалицијата предводена од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Владко Грозданов, кој во телефонски разговор за 24 вели дека очекува победа во вториот круг и рече дека ќе се воздржи од било каков коментар за видеото на неговиот противкандидат.
Инаку, вториот круг ќе се одржи на 2 ноември, само 17 дена пред стартот на судењето за обвинетите за тешката трагедија во дискотеката „Пулс“, каде што животот го загубија 63 млади луѓе. Овие избори се одвиваат во сенка на катастрофата што остави длабока трага врз градот и ја обележа политичката и општествената атмосфера во Кочани.
Извор: 24 Телевизија