
Грчкото Министерство за социјални работи го претстави новиот предлог-закон „Фер работа за сите“, кој носи значајни промени во трудовото право и начините на организирање на работното време. Законот, составен од 88 члена, предвидува воведување на 10-часовен работен ден во четири дена неделно, можност за индивидуални договори со скратено работно време, како и намалување на трошоците за прекувремена работа.
Една од најважните новини е флексибилното организирање на работното време. Референтниот период за зголемено или намалено работно време може да трае од една недела до 12 месеци, во зависност од договорот меѓу работодавачот и работникот. На тој начин, работните часови ќе можат да се распределуваат не само неделно, туку и во подолги циклуси.
Законот предвидува и нови правила за прекувремена работа. Работниците ќе имаат можност да работат и до 13 часа дневно врз основа на доброволен договор, со зголемена плата од 40%. Ограничувањата за неделниот и годишниот број работни часови остануваат исти, а на работниците им се гарантира заштита од отпуштање доколку одбијат да прифатат прекувремена работа. Сепак, максималниот број на прекувремени часови ќе биде ограничен на четири дневно кај еден работодавач, или до 150 часа годишно.
Според објаснувачкиот извештај, 13-часовниот работен ден нема да се применува во сектори како супермаркети или индустрија, каде што важат задолжителни правила за најмалку 11 часа одмор во рок од 24 часа. Министерството нагласи дека новите измени нема да го прекинат социјалниот дијалог и дека колективните договори остануваат во сила.
Предлог-законот ќе биде ставен на јавна дискусија до 19 септември, по што ќе се одлучува за неговото финално усвојување.