
По трагичниот пожар во Кочани, кој повторно ја отвори дебатата за системските слабости и корупцијата во Македонија, Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата излезе со 11 конкретни барања до надлежните институции. Главното барање е спроведување на целосна, транспарентна и непристрасна истрага без селективност, со цел да се утврди одговорноста на сите инволвирани, како и преземање мерки за спречување на слични трагедии во иднина.
Според Платформата, пожарот во Кочани е уште еден показател дека корупцијата во Македонија не е само правен и етички проблем, туку и директна закана за животот и безбедноста на граѓаните. Граѓанските организации предупредуваат дека системскиот неуспех на институциите довел до катастрофални последици и дека неказнивоста и селективната правда го влошуваат проблемот.
Клучни барања на Платформата:
- Целосна, непристрасна и транспарентна истрага за пожарот во Кочани – Обвинителството мора да спроведе темелна и објективна истрага без политички влијанија. Побарано е да се објават основни податоци за истражната постапка и редовно да се информира јавноста за напредокот без откривање на чувствителни детали.
- Реформа на казнената политика – Според граѓанските организации, сегашните казни за корупција се премногу благи и само го охрабруваат кршењето на законот. Тие бараат воведување строги, предвидливи и правично применети казни, како и подобрување на заштитата на укажувачите.
- Одговорност за институциите и компаниите кои не ги исполнувале обврските – Потребно е јасно да се утврди зошто контролите и надзорот не биле спроведувани со години, дали тоа било резултат на нестручност или свесен пропуст, како и да се обезбедат информации за тековните постапки против одговорните.
- Реални теренски проверки при вонреден надзор – Граѓанските организации нагласуваат дека административната проверка не е доволна. Инспекциските служби треба да вршат теренски проверки и темелно да утврдуваат дали објектите и компаниите ги исполнуваат законските стандарди.
- Проверка на имотната состојба и интересите на инспектори и службеници – Потребна е детална проверка на анкетните листови на сите службеници кои одлучуваат за издавање дозволи и лиценци, за да се утврди дали постојат конфликти на интереси, коруптивни врски или нечесни влијанија врз одлуките.
- Засилување на инспекциските служби – Инспекторатите треба да бидат финансиски и политички независни, со зголемен број на кадри, за да се подобри опфатот на контролираните субјекти. Покрај тоа, треба да се испита одговорноста на инспекторите кои дозволиле компаниите да ги игнорираат безбедносните стандарди.
- Ревизија на постапките за добивање дозволи и лиценци – Потребна е темелна ревизија на процесите за издавање дозволи, усогласување на сите безбедносни прописи и воведување обврска за теренски увид пред издавање на дозволи.
- Измените на законите да не бидат алиби за минатите пропусти – Иако владата најави нови законски измени, тие не смеат да се користат како оправдување за претходни незаконски постапки или институционални пропусти.
- Итно постапување по наодите од ДКСК и ДЗР – Препораките на Антикорупциската комисија и Државниот завод за ревизија мора веднаш да се разгледаат и да се преземат конкретни мерки, наместо да бидат игнорирани.
- Воспоставување вертикална одговорност во институциите – Секој што дозволил небезбедни објекти да функционираат – од најниско до највисоко ниво – мора да сноси одговорност, било тоа дисциплинска, прекршочна, кривична или политичка.
- Престанување со притисоци врз граѓанските организации, движења, иницијативи и медиуми – Наместо да се дискредитираат, независните медиуми и граѓанското општество треба да бидат поддржани во нивните напори за разоткривање на корупцијата.
Граѓанските организации предупредуваат за итноста на проблемот
Според Платформата, најголемата опасност лежи во фактот дека безбедноста на граѓаните не е приоритет на надлежните институции. Како што велат од организацијата, пожарот во Кочани е само уште еден трагичен доказ за тоа како корупцијата и нефункционалниот систем можат да имаат фатални последици.
Иако владата најави мораториум за исправање на грешките и засилени инспекциски контроли, Платформата бара овие мерки да не бидат само привремена реакција, туку дел од сеопфатен системски пристап кон борбата против корупцијата.
Со јавно поставување на овие 11 барања, граѓанските организации потенцираат дека нема да дозволат оваа трагедија да се заборави и дека ќе продолжат да бараат конкретни одговори и одговорност од надлежните институции.