Skip to main content
Скопје

Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ поднесе предлог за А-интегрирана дозвола до МЖСПП

26/03/2026  15:03

На 11.03.2026 година, компанијата ТИТАН Усје поднесе барање за обнова на А-интегрирана дозвола за работа. Согласно законските рокови, Министерство за животна средина и просторно планирање не ја објави дозволата во предвидениот рок од 7 дена, што отвора можност постапката да се продолжи со дополнувања и да трае до 45–50 дена.

Според процедурата, најпрво ќе биде објавено барањето на Титан Усје, по што ќе следува јавна расправа во која граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ активно ќе учествува во овој процес.

Денес, пред Министерството, како иницијатива „Стоп за Усје“ поднесовме сопствен предлог за А-интегрирана дозвола, изработена во согласност со европските регулативи за цементната индустрија, како и препораките на Светска здравствена организација за граничните лимити на загадување. Овој документ е резултат на заедничка работа на граѓани, еко-активисти и експерти, со цел компанијата да ги примени највисоките стандарди и да започне да функционира како современа, еколошка цементара во 21 век.

„Нашата порака е јасна – повеќе нема простор за одложувања и префрлање одговорност. Здравјето на децата и граѓаните е во рацете на институциите. Одлуката за тоа каков воздух ќе дишеме во следните 7 години е директна одговорност на Министерството за животна средина.“

Како дел од денешната акција, еко-активисти и спортисти симболично истрчаа од локацијата на фабриката до Министерството, испраќајќи ја пораката: „Сакаме да дишеме чист воздух секој ден“.

ОДГОВОРНОСТА Е КАЈ МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА ДА ИЗБЕРЕ ДАЛИ ЌЕ ЗАСТАНЕ НА СТРАНА НА ГРАЃАНИТЕ И ДЕЦАТА ИЛИ ОД СТРАНАТА НА ПРОФИТОТ НА ТИТАН УСЈЕ.

Ние го следиме секој чекор и ќе правиме јавен притисок додека не се прифати нашата предлог нова А интегрирана дозвола.