
Деветнаесетгодишниот Јован Костадинов од Виница е еден од хероите од големиот пожар во Кочани. Tој без двоумење влегол во опожарениот објект и успеал да спаси повеќе од 20 деца, откако претходно ја натопил маицата со вода и ја ставил на лицето да се заштити од огнот пред да тргне во херојскиот подвиг.
Младиот Јован е еден од повредените во пожарот кој се случи во неделата рано наутро во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 млади животи.
Граѓаните во многу објави на социјалните мрежи му се заблагодаруваат на Јован, за кого велат дека е „тивкиот херој“ на драмата што ја зави цела Македонија во црно, му се восхитуваат и ги повикуваат властите да му доделат орден за храброст.
Мајка на едно од децата кои Јован ги спасил јавно му се заблагодари на младиот херој:
„Тој беше надвор за време на пожарот, успеа да најде вода во близина, ја натопи маицата што ја стави преку лицето и без двоумење влезе внатре низ страничната соба за да ги спаси луѓето“, се вели во една од објавите на социјалните мрежи.