Skip to main content
Македонија

Граѓани протестираа пред ЕВН поради високите сметки за струја

06/03/2025  19:01

Незадоволни од високите сметки за електрична енергија, граѓани од неколку општини протестираа пред ЕВН во Бутел, барајќи итно корекција на фактурите. Тие најавија дека протестите ќе продолжат секоја недела сè додека компанијата не им ги намали сметките, кои во декември и јануари достигнале износи од 14.000 до 100.000 денари.

Со сметки во рака, демонстрантите ги изразија своите сомнежи за точноста на пресметките и ја обвинија компанијата за неправедно високи тарифи. „Бараме од ЕВН да преземе итни мерки за решавање на овој проблем. Доколку не видиме конкретни дејствија, протестите ќе ги продолжиме секоја недела“, изјави жител на Арачиново.

Од ЕВН, пак, преку соопштение одговорија дека во овие општини има сериозен проблем со кражба на електрична енергија, наведувајќи дека над 50% од потрошувачите во овие подрачја нелегално се приклучуваат на мрежата. Компанијата информираше дека во последните шест месеци заедно со МВР извршила над 100 контроли за кражби и дека како резултат на нивните инвестиции, кај дел од потрошувачите првпат е регистрирана точна потрошувачка на струја.

Протестите продолжуваат, а граѓаните остануваат решени да издејствуваат намалување на сметките.