
Револтиран граѓанин се обрати до редакцијата на 24Инфо со реакција за непрофесионалниот однос и изградбата на комплексот „Порта Супериум“ во Скопје. Граѓаните година дена не можат да се вселат во новоизградена зграда која притоа се рекламирала како смарт зграда со уреди на допир, а како што велат од тоа имаат само пристап до одредени апликации. Велат пробиено се сите рокови, а излажани се и за квалитетот на градбата.
Поради неодамнешниот дожд кровот на новоизградената зграда веќе протекол, а за проблемот инвеститорот бил известен месеци наназад.
Како што се вели во соопштението испратено до нашиот медиум, некои станари ги добиле клучевите на рака, но зградата се уште нема технички извештај за исправност, а исто така не работат ниту лифтовите па граѓаните мебелот и покуќнината на раце треба да го носат до 13-от кат, а лицата со некаков вид на здравствен проблем и попреченост не можат да стигнат до своите домови.
Целото соопштение прочитајте го во продолжение:
СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТА
Станарите револтирани од непрофесионалниот однос и изградбата на комплексот „Порта Супериум“ Скопје,
4-ти септември 2025
Станарите од новоизградените згради во рамки на комплексот „Порта Супериум“ во изведба на МКМ Експрес ДОО, фирма којашто е во сопственост на Порта Инженеринг Груп и Специјал градба , јавно го изразуваат своето длабоко незадоволство од начинот на кој се води проектот, пробиените рокови, лошата комуникација со инвеститорот и значајното отстапување од ветената квалитетна и функционална изградба. Сите рокови за градба посочени во склучените преддоговори се пробиени, односно најдоцна со месец септември 2024 со пролонгирање на рокот не подолг од 90 дена. Наместо да се вселат во утврдениот термин, станарите подолго време се соочуваат со постојано пролонгирање на роковите, лажни ветувања, соочени со нефункционални, небезбедни и нецелосно исполнети услови за домување. Да не се занемари фактот дека дел од купувачите се под кирија, каде имаат генерирање на дополнителни трошоци со секое пролонгирање на рокот.
Квалитетот на изградбата е далеку од оној што беше претставен при продажбата. Комплексот, кој беше промовиран како луксузен со т.н. “смарт станови” и “уреди на допир”, реално нуди само основно поврзување на одделни уреди со апликација.
Притоа, по добиено известување од страна на инвеститорот (почнувајќи од месец мај) кај дел од купувачите е извршено приморедавање на клучевите на становите со потпишување на записник, иако за недвижноста се уште не е добиен технички извештај за нејзино пуштање во употреба. Ова е целосно во спротивност со член 9 од потпишаниот Преддоговорот за купопродажба на предметниот недвижен имот, кој гласи дека „Недвижноста предмет на овој преддоговор ќе му биде предадена во владение на купувачот по изградбата на предметната зграда и добивање на технички извештај за нејзино пуштање во употреба најдоцна со месец Септември 2024 година, преку составување на записник за примопредавање во кој ќе бидат внесени евентуални забелешки од страна на купувачот.”
Дополнително, иако е извршено предавање на клучевите за голем дел од становите, лифтовите се уште не се целосно пуштени во функција. Ова значи дека станарите ќе треба рачно да го качуваат својот мебел и инвентар по скалите – и тоа во висококатници од 11 и 13 ката, што е целосно неприфатливо и несоодветно за згради кои претендираат дека се модерни, функционални и луксузни. Ваквиот пристап на компанијата ги прави тотално несензитивни кон потребите на лицата со попреченост и повозрасните лица кои имаат потешкотии при движењето и особено искачувањето по скали, чиј пристап до становите е буквално оневозможен.
Дополнително, кровот на една од зградите неколку пати сериозно протече, предизвикувајќи материјална штета, за што инвеститорот е известен три пати во текот на изминатиот месец, но се уште соодветна санација од негова страна не е направена.
Станарите остро реагираат на ова однесување, истакнувајќи дека за ваков третман во 21-от век нема никакво оправдување, особено со оглед на тоа што тие навремено ги имаат подмирено обврските кон инвеститорот согласно претходно утврдената динамика на исплата.
Со предвременото предавање на клучеви, без исполнување на обврските од страна на инвеститорот – безприклучок за парно, без приклучени водомери, без пуштање во функција на климите, лифтовите, паркинзите и сл., станарите се плашат дека може да се случи воопшто да не дочекаат технички прием на објектот, а со тоа и да останат без имотни листови.
За овие и ред други нерегуларности, купувачите неколкукратно се имаат обраќано до компанијата било лично, телефонски, по е-маил, пошта или слично, но без особен изход за изнаоѓање на решение на истите.
Дополнително загрижува фактот што инвеститорите на објектот Порта Супериум имаат доставено допис до купувачите кои имаат извршено примо-предавање на недвижниот имот дека во рок од 7 дена треба да извршат уплата на преостанатиот износ, во спротивно дека ќе бидат приморани да го раскинат склучениот преддоговор и да се изврши враќање на меѓусебните давања преку извршен поврат на уплатениот износ и враќање во владение на недвижниот имот. Ова претставува директен преседан од страна на инвеститорот врз правата на купувачите, особено затоа што за недвижноста која е дадена во владение согласно склучениот преддоговор нема ниту технички извештај, ниту пак употребна дозвола, не е запазен рокот на изведба –најдоцна со месец септември 2024 година, не се исплатени пенали за доцнење од страна на инвеститорот, ниту инвеститорот има постапено согласно забелешките од записникот, ниту пак објектот е целосно ставен во функција.
Барањето за целосна уплата од страна на купувачите во рок од 7 дена, без исполување на основните обврски од страна на инвеститорот, претставува сериозен преседан и нарушување на правата на купувачите. Овие дејства може да се сметаат за незаконски и за непочитување на договорните обврски, што доведува до правни последици и предизвикува дополнителни тешкотии за купувачите.
Поради сето ова, купувачите најавуваат колективна тужба за прекршување на договорите, лажно претставување на продажбата и грубо занемарување на безбедносни и функционални аспекти на домувањето.
Дополнително, бараат итна реакција од надлежните институции и најавуваат протест доколку состојбата не се смени. „Не прифаќаме да бидеме манипулирани и потценети! Бараме одговорност, функционалност, квалитет, безбедност и услови достојни за живеење и почитување на тоа што беше ветено и платено.” се вели во заклучокот на нивното обраќање.