Skip to main content
Македонија

Градското собрание на Лос Анџелес ќе биде осветлено во боите на македонското знаме во сеќавање на жртвите од Кочани

16/06/2025  14:46

Градското Собрание на Лос Анџелес во американската сојузна држава Калифорнија ќе биде осветлено во црвена и жолта боја – боите на македонското знаме во чест и сеќавање на жртвите од пожарот во Кочани, соопштија од македонската православна црква „Пресвета Богородица“ во Лос Анџелес,

– Изразуваме длабока солидарност со луѓето во Кочани, со глобалната македонска заедница и со сите погодени, додека продолжуваме да жалиме за оваа срцепарателна загуба. Оваа трогателна почит, која се оддава на три месеци од несреќата, ќе биде потсетник дека нашето единство и сочувство, дури и преку океаните, остануваат непоколебливи. Искрено му благодариме на градскиот советник Сото – Мартинез од областа 13, на неговиот прекрасен тим и на градот Лос Анџелес за нивната солидарност со македонскиот народ, се вели во објавата на Фејсбук профилот на македонската црква.

Градскиот советник Хуго Сото – Мартинез по повод настанот насловен „Македонски ден на сеќавање“ во чест и сеќавање на жртвите од трагедијата во Кочани, Македонија, изразува жалење за загубата на 62 животи и солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина.

– Македонската заедница во Атвотер Вилиџ и пошироко низ Лос Анџелес, иако малубројна, е енергична и длабоко вкоренета уште од 1960-те години. Како град длабоко жалиме за загубените 62 животи во пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ и ја изразуваме нашата солидарност со македонскиот народ во неговата борба за правда, исцелување и надеж за посветла иднина – напиша тој.

На 16 март во пожарот во дискотеката „Пулс“, загинаа 62 лица, а над 200 беа повредени. По завршување на истрагата 34 физички и три правни лица се обвинети за тешки дела против општата сигурност.