Skip to main content
Свет

Градските власти признаа пропуст – Никакви безбедносни проверки во барот во Кранс-Монтана со години

06/01/2026  15:51

Ски-барот „Ле Констелејшн“ во швајцарското одморалиште Кранс-Монтана, каде што на новогодишната ноќ избувна смртоносен пожар, не поминал безбедносна проверка цели пет години, открија швајцарските власти на прес-конференција.

Во трагедијата животот го загубија 40 лица, а 116 беа повредени. Властите најавија и итна забрана за употреба на одреден тип прскалки во локалните ресторани, откако прелиминарната истрага покажа дека тие најверојатно се причина за избувнувањето на пожарот, јавува Би-Би-Си.

Пожарот избувнал во раните утрински часови на 1 јануари, во подрумските простории на популарниот бар кој бил преполн со гости, главно млади луѓе. Жртвите биле на возраст од 14 до 39 години, а меѓу повредените имало најмалку 12 различни националности. Осумдесет и три лица сè уште се хоспитализирани.

Трагедијата отвори кривична истрага против францускиот пар кој го управувал барот. Тие се осомничени за убиство од небрежност, нанесување тешки телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност.

Градоначалникот на Кранс-Монтана, Николас Феро, призна дека во барот „Констелејшн“ не биле спроведени никакви безбедносни проверки, истраги или ревизии во изминатите пет години. „Жалиме за ова – им го должиме тоа на семејствата и ќе ја прифатиме одговорноста“, изјави Феро.

Тој појасни дека тим од само пет инспектори бил задолжен за контрола на повеќе од 10.000 објекти во областа, вклучувајќи хотели и ресторани. Феро нагласи дека градските власти сакаат веднаш да бидат транспарентни и дека е во тек истрага за причините за пропустот, како и целосна ревизија на сите згради во регионот.

И покрај силниот јавен притисок, градоначалникот ја отфрли можноста за оставка. „Нема да поднесам оставка. Сега не го напуштаме бродот – наша должност е да им помогнеме на граѓаните“, изјави тој, додавајќи дека и самиот град е „жртва на овој настан“, што предизвика критики во јавноста.

Одговорноста за евентуалната пренатрупаност на барот Феро ја префрли врз менаџерите на објектот, нагласувајќи дека „на судот е да утврди кој е виновен“. На прашањето зошто властите не реагирале порано, тој рече: „Би сакал некој да ми укажеше дека прашањето не е дали, туку кога ќе се случи трагедија.“

Истрагата утврди дека пенастите звучноизолациони панели на таванот, кои наводно се запалиле од прскалките, никогаш не биле тестирани за отпорност на пожар. Инспекторите последен пат биле во објектот во 2015 година, но тогаш ја проверувале само надворешната тераса, без увид во внатрешноста.

„Оваа недела беше исклучително тешка за мене лично. Засекогаш ќе ја паметам таа ноќ и тагата на семејствата на жртвите“, изјави Феро на крајот од прес-конференцијата.